Македонија сѐ повеќе увезува отколку што извезува. „Дупката“ што се создава притоа станува загрижувачка. Последните статистички податоци од ноември лани покажуваат дека трговскиот дефицит за 11 месеци се искачил на 3,5 милијарди евра, што говори дека со извозот можеме да покриеме само 68,9 отсто од она што го увезуваме. Од јануари до ноември лани сме извезле стоки во вредност од 7,64 милијарди евра, а увозот нѐ чинел 11,1 милијарди евра.
Ваквата неповолна состојба во трговската размена со светот, според бизнисмени и експерти, може да се промени само со структурни реформи, кои ќе поддржат производи со висока додадена вредност, односно готови производи, како и со зголемување на палетата производи што ќе се извезуваат. Дополнителни вложувања во науката и во новите технологии што ќе се користат во производството можат да придонесат за намалување на увозната зависност на земјата од одделни производи, посебно кај храната која може да се произведе во количини кои ќе го задоволат домашниот пазар.
Потребни се структурни промени и извоз на производи со додадена вредност
– Македонија има неограничени можности за извоз, бидејќи произведува и извезува мали количини кои не ги загрозат големите извозни земји. Но, оваа предност земјата не ја користи, бидејќи главно извезува суровини, полуфабрикати и производи за брендови, т.н. лон производство во текстилната и во ИТ индустријата, која има најголемо учество во извозот. Дури и во индустриските зони се работи лон – се увезуваат, на пример, готови кабли и овде само се моткаат, не се произведуваат готови производи. Со ваков избор на производи, кои имаат и пониска вредност, не може да се остварат добри извозни резултати, иако може да се рече дека имаме добар извоз. Дополнително, имаме понуда на мала палета производи за извоз, што исто така е лоша страна. Тоа значи дека проблемот на нашата економија е во тоа што има мало и лошо структурирано производство, а лекот е во структурни промени и во понуда на поголема палета производи со додадена вредност – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Словенија, на пример, има 3 до 5 пати поголем број производи што ги извезува, кои дополнително се со висока додадена вредност, односно готови производи.
– На пример, не е исто да се извезе готов телевизор и делови за телевизор. Но, интересно е кај нас што покрај нафта, гас и други производи што не можеме да ги произведеме, се увезува и храна што може да се произведе за задоволување на домашниот пазар и за да се извезува. Тука увозот е потребен бидејќи секоја година приносите во земјоделството се намалуваат, а науката како воопшто да не се преименува во овој сектор. Овој увоз и на други производи кои можеме да ги произведеме, сочинуваат добар дел од дефицитот во трговската размена – категоричен е Димитров.
И државата треба да помогне
Експерти велат дека земјава традиционално има трговски дефицит затоа што е увозно зависна, но затоа треба да се подобри извозот за да се сведе тој во нормални рамки и да нема негативно влијание на тековната сметка. Според нив, ако повеќе се увезува за развојни цели, на пример преку увоз на машини за производство и слично, тогаш дефицитот може да се гледа како позитивен. Но, во одделни сегменти тој е неприфатлив, бидејќи овие производи можат да се обезбедат и со зголемено домашно производство.
И во Стопанската комора се на становиште дека за намалување на трговскиот дефицит и за подобрување на извозните перформанси на компаниите се потребни реформи, пронаоѓање нови пазари за пласман на производите и проширување на производите кои можат да се извезат, но и помош од државата која треба да им олесни на компаниите кои извезуваат.
Неодамна Комората направи и посебна анализа за идентификување на извозните можности и потенцијали на македонската економија, во која беа опфатени 5.300 постоечки и нови потенцијални извозни производи и над 170 постоечки и нови потенцијални извозни пазари. Анализата главно ги опфаќа компаниите од металопреработувачката, машинска и електро-индустрија, кои се силно извозно ориентирани, а извозот кај нив изнесува 86 отсто од вкупните приходи.
Најголемите извезуваат и увезуваат најмногу
Статистичките податоци кои се конечни за 2020 година, покажуваат и дека повеќе од 50% учество во вредноста на стоковната размена на страната на извозот се концентрирани кај првите 10 компании – извознички, а на страната на увозот тој процент е реализиран во првите 50 компании.
Само лани, најголемите 15 извозници во 2021 година направиле вкупен извоз од 3,74 милијарди евра, што е 54% од вкупниот извоз на државата. Во структурата на извозот најголемо учество имаат компаниите од индустријата (89,8% од вкупниот извоз), следи трговијата и останатите дејности. Овие компании се и најголеми увозници, со учество од 55,8 отсто од вкупниот увоз.
Најголемо учество од 47,6% во вредноста на извозот е реализирано од компаниите кои имаат од 20 или повеќе земји партнери, а на страната од увозот најголемо учество од 66,6% во вредноста е реализирано од компаниите кои имаат 20 или повеќе земји партнери.
Најголемо учество во структурата на извозот имаат претпријатијата што ги извезуваат своите стоки на пазарите на земјите членки на ЕУ, од кои компаниите од индустријата се најбројни и имаат најголема реализирана вредност. Пазарот на земјите членки на ЕУ и на страната на увозот се издвојува како најатрактивен. И овде компаниите од индустријата учествуваат со 52,5 отсто оние од трговијата со 46%.
ШТО УВЕЗУВАМЕ, А ШТО ИЗВЕЗУВАМЕ
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, за авиони или за бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.
Во увозот се најмногу застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.