Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и годинава традиционално ја заокружува исклучително успешната концертната сезона, со ексклузивен новогодишен концерт кој ќе се одржи вечерва во 20 часот во Националната опера и балет.
– Зад Танец се голем број концерти низ земјата, но и во САД, Канада, Словенија, Хрватска и Србија. Се свиреше, пееше и се играа изворни бисери, комплексни кореографски постановки, но се изведуваа и нови фузии, кои донесоа громогласни аплаузи и стоечки овации, секаде каде што Танец се претстави. Затоа Танец новогодишниот концерт е своевидна круна на неверојатната година и изобилува со раскошна музичко-сценска програма, во која ќе учествува целиот ансамбл – наведуваат од ансамблот.
На репертоарот, најавени се атрактивни кореографски постановки и богат опус од вокално-инструментални композиции од надседумдеценискиот легат на ансамблот. Во него е вклучен и специјален сплет на ора со кои „Танец“ со пиетет ќе се сети на еден од музичките великани кои придонеле кон растежот на ансамблот, виртуозот на кларинет и музички автор, Тале Огненовски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.
Како и секогаш, „Танец“ ќе и подари на публиката и точка-изненадување, овој пат заедно со учениците од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, кои беа учесници на првата „Летна академија ТАНЕЦ“, одржана од 13 до 18 јуни во Охрид.
Исто така, во пресрет на концертот, НУ Танец заедно со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во фоајето на Националната опера и балет, организира изложба, на која ги претставува студентските архитектонски решенија за нов мултинаменски објект за НУ Танец, со соодветна концертна сала, што е 73-годишна желба на ансамблот за дом по мерка на неговите потреби и по заслуга на неговите успеси.
Овие проектни задачи, идните архитекти ги работеа под менторство на педагошки тим од факултетот, а во рамките на Архитектонското студио 8/3, кое се одиваше во летниот семестар од оваа учебна година. Овие индустриски објекти се наменети за една поинаква „индустрија“ и оттука архитектонското студио го носеше насловот „Институт за производство, истражување и едукација на материјално и нематеријално културно наследство“, посочуваат од „Танец“.
На отворањето на изложбата ќе бидат доделени и благодарници на студентите кои учествуваа во проектот, но и на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” кои беа дел од Летната академија Танец.
Билетите за концертот на Танец се целосно распродадени два дена по пуштањето во продажба.