Дали знаевте дека вашите раце можат да откријат многу за вашето здравје? Без разлика дали се работи за треперење на рацете, прекумерно потење на дланките или невообичаени промени на ноктите, секој од овие симптоми може да укаже на одредена здравствена состојба која во повеќето случаи треба да се третира за да се спречи нејзиното влошување.
Тремор на рацете и Паркинсонова болест
Доколку едната или двете раце неконтролирано ви се тресат, а најчесто кога сте во мирување, оваа појава може да биде знак за Паркинсонова болест. Како што објаснуваат експертите, оваа болест се развива постепено, а токму еден од најраните симптоми е треперењето на рацете. Иако ги опфаќа двете раце, на самиот почеток најчесто се јавува само во едната. Ако почувствувате трнење во прстите или дланките, тоа може да биде знак за неконтролиран дијабетес, пренесува Index Fit.
Слабо ракување и срцеви заболувања
Во деловниот свет, слабото ракување кажува нешто за вашата личност, додека во медицината тоа може да биде знак за влошување на здравјето. Пред сè, лекарите предупредуваат дека слабото ракување може да укаже на болести на срцето и циркулаторниот систем. Истражувањето, чии резултати беа објавени во магазинот Lancet, покажува дека слабиот стисок предвидува значително поголем ризик од срцев и мозочен удар.
Промените на ноктите може да бидат знак за меланом или псоријаза
Вертикалните или хоризонталните набори на ноктите може да укажуваат на анемија која треба да се лекува, а понекогаш е знак за артритис или псоријаза. Дерматолозите објаснуваат дека доколку има бразди и црвени линии на самото дно на ноктот, тоа би можело да биде и лупус – хронична автоимуна болест која влијае на целиот имунолошки систем. Доколку на ноктите се појави црна линија која се протега по целата должина на ноктот, тоа може да биде знак за меланом.
Црвени дланки и проблеми со црниот дроб
Иако овој симптом е исклучително редок, невообичаеното црвенило на дланките што не исчезнува може да укаже на оштетување или болест на црниот дроб. Исто така, таканаречените палки или задебелување на врвовите на прстите често може да бидат знак за хронично оштетување на белите дробови или срцева слабост. Карактеристични се и промените на ревматоидниот артритис кај кои најпрво се јавува отекување на прстите, а потоа некои други попрепознатливи симптоми.
Болка на раката, вкочанетост и оток
Кога ревматолозите гледаат луѓе чии раце болат или имаат одредено воспаление, тие помислуваат на разни воспалителни болести кои би можеле да ги предизвикаат симптомите. Можни причини вклучуваат ревматоиден артритис, псоријатичен артритис, лупус, васкулитис (воспаление на крвните садови), склеродерма (болест на сврзното ткиво) и дерматомиозитис (болест на кожата и мускулите). Исто така, лекарите предупредуваат дека отечените раце дури може да укажуваат на воспалителна болест на цревата.
Потење на дланките
Иако е доста вообичаено дланките понекогаш да се потат, особено ако надвор е многу топло, во некои случаи оваа појава може да биде знак за одредени здравствени состојби. Имено, лекарите објаснуваат дека претерано испотените дланки често се едни од првите симптоми на менопауза или одредени проблеми со тироидната жлезда, како и хиперхидроза – состојба на прекумерно потење што се јавува поради нарушена работа на потните жлезди.