Народниот правобранител Насер Зибери ќе поднесе иницијатива за промена на драконските камати на извршителите, со кои, според неговите зборови, граѓаните запаѓаат во должничко ропство, јавува Канал 5. Се работи за промена во два закони, Законот за облигациони односи и Законот за извршување. Зибери предлага да се додаде член кој ќе вели да престане пресметката на казнената камата во моментот кога ќе биде исплатена онолку колку што изнесувал главниот долг на граѓанинот.
– Утврдивме дека со постоечкиот начин на спроведување на извршувањето се нарушува и се загрозува егзистенцијата на граѓаните, а некои граѓани поради затезната камата слободно може да се каже дека запаѓаат во должничо ропство, односно не се во можност да ги платат сите средства во главницата и од камата. Народниот правобранител смета дека неправично граѓаните кои најчесто имаат статус на должници, по основ на извршени услуги како што се електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, по вина на институциите на системот се доведени во неповолна ситуација – вели Зибери.
Омбудсманот сподели пример на граѓанин даден на извршител. За долг од 2010 година од 6.000 евра, извршувањето почнало по три години. За три години извршителот израчунал казнена камата од дополнителни 12.700 евра или двојно поголема камата од главниот долг.
– Се надевам дека Владата, но и Собранието, односно пратениците, сериозно ќе ја разгледаат истата и за брзо време ќе заживее во пракса, особено сега во време на економска криза во која сите секојдневно се соочуваме со пораст на цените, пред сè на основните прехранбени продукти, комуналиите и другите услуги, со што се загрозува егзистенцијата на граѓаните – подвлекува тој.