Подводен земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала ја погоди централна Грција рано утрото и нема извештаи за материјална штета или повредени, соопшти Националната опсерваторија на Атина.
Земјотресот се случи во 01:02 часот по локално време на длабочина од 12,7 километри во Коринтскиот залив, на околу 100 километри западно од Атина.
Земјотресот бил почувствуван во Атина и на Пелопонез.
Грција редовно е погодена од земјотреси. Во земјотресот со јачина од 7 степени во октомври 2020 година во Егејското Море загинаа две лица на грчкиот остров Самос и повеќе од 100 во турскиот приморски град Измир.