Земјава ќе треба да реализира дополнителен увоз на стоки потребен за државните резерви, ако потрае војната во Украина, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој рече дека засега имаме полни државни резерви, но не кажа колкав период би можеле да издржиме со тие резерви, дали ќе биде тоа 4, 6 или 12 месеци.
Експерти се со став дека државата досега требало да набави и одредени дополнителни количини на одделни стоки за државните резерви, бидејќи сегашната цена станува сѐ повисока, а можно е и одредени стоки да не можат да се набават.
Граѓаните, пак, велат дека финансиската состојба не им овозможува да прават домашни резерви.
Цветан Трипуновски кој во одреден период беше и технички заменик-министер во Министерството за земјоделство вели дека во кризни услови е добро да има обезбедено плус количини на одредени производи од она што го имаме во стоковите резерви.
– Дополнителни количини е добро да се има во државните резерви. Ние сме увозно зависна земја, а дел од увозот на пченица и пченка го реализираме и од Украина. Се разбира од Србија увезуваме најмногу, но увезуваме и од Украина и од другите источноевропски земји, затоа е потребно да се има плус во резерва. Да се надеваме дека државата ги пополни државните резерви на пченица кои минатото лето ги потроши како интервенција – вели Трипуновски.
И професорот Константин Димитров смета дека државата мора да обезбеди резерви не само на прехранбени продукти, туку и на енергенси, бидејќи нивната цена и натаму ќе расте.
– Но, дали сме ние подготвени за тоа? Не се знае. Поради високите цени на нафтата и гасот, ние ќе имаме и многу повисока цена на струјата, но и на прехранбените производи. Затоа набавките требаше одамна да бидат договорени, но мислам дека кај нас тие одат на кратки рокови – вели Димитров.
Компаниите кои ги произведуваат главните прехранбени производи велат дека државата не може многу да смета на нив бидејќи финансиската состојба не им дозволува да чуваат големи количини резерви.
– Мелничко-пекарската индустрија со оглед на финансиските можности најчесто има резерви на суровина од 1, можеби 2 месеца. Резервите кои ги имаме обезбедено во летниот период ги трошиме до крајот на годината, а потоа вршиме набавки според потребите и движењето на цената на пченицата на берзите. Кај дел од мелниците имаме намалено производство за 70 отсто поради високите цени на енергенсите и ограничените финансии. И реално ние функционираме според економските законитости и за нас е ризик да набавуваме големи количини суровина, бидејќи варира цената на пазарот која ја прати и цената на нашиот производ. Слична е и состојбата кај пекарската индустрија – вели Горан Малишиќ од групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.
Со какви резерви, пак, располагаат трговците, не се знае.
Владата веќе соопшти дека државните резерви се полни. Агенцијата за стокови резерви има законска обврска да ги чува и обновува резервите.
Според нејзиниот стратешки план за периодот 2022-2024 година, таа годинава треба да набави дополнителни количини на стокови резерви на пченица за 120 дена, јачмен за 60 дена, готварска сол за 45 дена, масло за јадење за 60 дена и нафтени деривати – горива и мазут минимум за 5 дена. Истовремено во план е обнова и на 4.500 тони меркантилна пченица. 5.000 тони јачмен, 1.111 тони готварска сол, како и обнова на лекови и на медицински средства.
Последниот договор за набавка на меркантилна пченица Агенцијата за стокови резерви го потпишала на 25 октомври 2021 година со рок на набавка од 3 месеци. Според договорот со Друштво за производство, транспорт трговија и угостителски услуги КОКРА Е АРТ-1 доо од Порој, Тетово, набавени се 10.000 тони пченица по цена од 16.600 денари тон или вкупно за тоа се потрошени 166.000.000 денари (близу 2,7 милиони евра) без ДДВ.
Набавка на други стоки потребни за стоковите резерви лани не е извршена, барем, ако се следат тендерите објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки.
Граѓаните со кои разговаравме се вознемирени, но велат со оглед на финансиската состојба и тие не се многу расположени за создавање домашни резерви.
– Се надевам дека од војната нема да имаме и ние последици. Засега не планирам да набавувам резерви на храна дома, но ако згусне секако кај нас се јавува паника дека ќе останеме гладни и ќе трупаме, можеби беспотребно, резерви. Но тоа е човек, секогаш мисли дека ако има дома ќе биде посигурен во криза – вели скопјанка.
Според Законот за стокови резерви, државата формира резерви од производи кои се од исклучително значење за животот на населението како: пченица, пченка, јачмен, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства.
Стоковните резерви се чуваат и обновуваат во согласност со годишната програма за формирање на стоковните резерви. Собранието со среднорочната програма ги утврдува видот и количината на стоковните резерви, изразено во денови на потрошувачката согласно со билансите донесени од Владата.
Владата со годишната програма за стоковните резерви утврдува:
– вид, количина и вредност на стоките во стоковните резерви кои се набавуваат и обновуваат,
– рокови и начин на обновување, износ на средства потребни за финансирање на годишната програма,
– изградба и купување на сместувачки капацитети,
– тековно и инвестициско одржување на постојните сместувачки капацитети во сопственост на државата
– други прашања поврзани со стоковните резерви.
Годишната програма за наредната година се донесува до крајот на тековната година, односно во рок од 30 дена од денот на објавувањето на Буџетот за тековната година.
Владата одлучува за користење, обновување, замена, отпис и отстапување на стоковните резерви.