Здравствените власти во тајванскиот град Синбеј му наложија рекордна казна на 18-годишно момче кое ги прекршило личните мерки на карантинот поради коронавирусот.
Тинејџерот инаку позитивен на коронавирус, го прекршил правилото за 10-дневен карантин. За време на викендов излегол на кошарка со пријателите и да купи подарок за својата девојка, која исто така е заразена. Неговото семејство сега ќе треба да плати 1,5 милиони тајвански долари (околу 47.700 евра) казна, објавија тамошните медиуми.
Првично младиот човек се обидел да демантира дека излегол од дома. Сепак, полицијата и медицинските лица како „доказ“ ги посочиле објавите на социјалните мрежи. Снимките од објавите биле испратени до властите од негов „виртуелен пријател“.
Се испоставило и дека момчето намерно го оставило телефонот дома за да го измами софтверот за следење пациенти со ковид-19. Оваа казна, инаку, е највисока на островот од почетокот на пандемијата.