Засега останува иста цената на патарините во државава, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Ејуп Рустеми, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференцијата „Безбедност на патиштата, предизвици и мерки за безбедни патишта”.
Рустеми информираше дека продолжуваат со модернизација на патарините на Коридорот 8.
– Како ЈПДП продолжуваме со модернизација на патарините по Коридорот 8, при што се очекува да почнеме со работа од март следната година и очекуваме до крајот на годината и Коридорот 8 да биде целосно модернизиран, односно да се спроведе електронско плаќање – рече Рустеми.
Со процесот на модернизација сите наплатни станици треба да имаат ист електронски ситем на наплата на патарина, како што е воспоставен и на Коридорот 10. На постоечки наплатни станици на Коридор 8 треба да се изврши реконструкција за поставување на системот на електронска наплата, на кабините, на островот каде што се кабините и на сообраќајните ленти за поминување.
Рустеми исто така напомена дека согласно одлуката од „Отворен Балкан”, продолжуваат со соработка и со јавните претпријатија на Србија и на Албанија за заедничкиот проект за воспоставување еден уред за наплата на патарини во трите држави. Проектот е во фаза на прилагодување на системите, изработка на веб апликација и законски усогласувања.
ЈПДП во вториот квартал годинава наплати патарини во износ од 745.037.340 денари (12 милиони евра). Во споредба со истиот период од минатата година, приходот од патарини е поголем за 13,6 проценти, односно за 89.166.912 денари.