Замрзнувањето на маржите при продажбата на одредени производи, продолжува да важи и по 31 декември, односно до 30 април 2023 година, одлучи Владата на вчерашната 115. седница.
Владата донесе Одлука за изменување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, на предлог на Министерството за економија.
Опфатот на мерката, како и досега, продолжува да се однесува на: белиот леб, белиот шеќер и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), со 5% трговска маржа за трговците на големо (и производителите) и трговците на мало; како и за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, јајца, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт со 10% трговска маржа за трговците на големо (и производителите) и трговците на мало.
Владата, на денешната седница, го утврди и текстот на Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, предложен од Министерството за финансии.
Со предложените измени, се зголемува највисокиот дозволен износ којшто може да се врати на едно физичко лице за едно календарско тримесечје. Односно, се планира највисокиот износ којшто може едно лице да го оствари, како право на поврат на дел од данокот на додадена вредност, да се зголеми на 2.100 денари по квартал за едно физичко лице. Сега овој износ по лице и по квартал е до 1.800 денари.
Владата го утврди и текстот на Предлог на Закон за нуспроизводи од животинско потекло, предложен од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Целта на овој закон е обезбедување високо ниво на заштита на јавното здравје и здравјето на животните, како и заштита на безбедноста на ланецот на храната и храната за животните при постапувањето со нуспроизводите од животинско потекло. Се утврдува начинот на собирањето, транспортот, отстранувањето, постапката, преработката, обработката, претварањето, складирањето, ставањето во промет, дистрибуцијата, употребата и нештетното отстранување на нуспроизводите од животинско потекло и производите добиени од нив.