Тоа што бродот крстосувач „Москва“ плута напуштен или е на дното на Црното Море е страшен удар врз руската армија, пренесува американската телевизија „Си-Ен-Ен“ изјави на воени експерти во врска со инцидентот со воениот брод на руската Црноморска флота.
„Само загуба на подморница вооружена со балистички проектили или на единствениот руски носач на авиони „Кузњецов“ би бил поголем удар за рускиот морал и угледот на руската воена морнарица во очите на руската јавност“, изјави за телевизијата Карл Шустер, пензиониран капетан на американската воена морнарица.
Руските провладини медиуми јавија дека сите морнари се евакуирани од бродот „Москва“ откако дошло до експлозија предизвикана од пожар. Руското Министерство за одбрана потврди дека бродот од руската Црноморска воена флота е тешко отштетен како и оти се води истрага за причините што го предизвикале пожарот, без притоа да се објави дали има загинати или повредени во инцидентот.
Претходно украински претставник изјави дека рускиот воен брод бил мета на крстосувачки проектил лансиран од Украина.
Поради неповолните временски услови над Црното Море што оневозможуваат сателитско снимање, во Си-Ен-Ен не можат да потврдат дали бродот е погоден ниту каква е неговата мометална состојба, но аналитичарите велат дека пожар на таков брод може да доведе до катастрофална експлозија што на крајот би можела да значи негово завршување на дното на морето.
Која и да е причината за пожарот, аналитичарите велат дека се работи за страшен удар врз срцето не само на руската воена морнарица, туку и на националната гордост. Случајот се споредува со евентуална загуба на носач на авиони.
„Тоа е голема загуба. Бродовите спроведуаат активности далеку од очите на јавноста, нивните активности ретко се тема на новинарски извесувања. Но, се работи за пловечки делови на национална територија и оттаму загуба на еден од нив, особено главен брод на флота, покрај самата воена загуба, има и политичка и симболичка порака“, изјави Алесио Пателано, професор по воена стратегија на лондонскиот Кралски колеџ.