Во последните 10 години убиени се 958 новинари, соопшти високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк.
Во истиот период, повеќе од илјада од нив завршија во затвори, рече Турк на почетокот на конференцијата за заштита на новинарите во петокот во Виена. „Тие бројки се неприфатливи“, рече тој.
Собирот беше организиран од ОН и австриското Министерство за надворешни работи по повод десетгодишнината од Акциониот план на ОН за безбедност на новинарите.
Турк смета дека е успех што се создадени или зајакнати механизми за заштита на медиумските професионалци во педесетина земји за време на постоењето на акциониот план.
Иако бројот на убиени новинари се намалува во последните години, неопходно е да се вложат многу повеќе напори во заштитата на новинарите, рече тој. „Секоја закана за новинарите е закана за моите права, вашите права и сечие право на слобода на информирање, мислење и изразување“, нагласи Турк.
Тој побара властите поактивно да се борат против насилството врз новинарите. Од 2006 година, само 13 отсто од убиствата поврзани со медиумите биле успешно процесуирани, рече тој.