Зад културниот клуб „Никола Вапцаров“ кој ќе биде отворен в недела во Благоевград стои организација која не е регистрирана според законите во Бугарија и има сомнителни пораки. Ова го изјави бугарскиот премиерот Галаб Донев по свеченоста по повод почетокот на изградбата на железничката делница Куманово – Крива Паланка.
– Овој клуб, кој ќе биде отворен утре во градот Благоевград, е во организација која е противуставна и не е регистрирана според законите во Бугарија. Згора на тоа, финансирањето на овој клуб, како што сподели премиерот Ковачевски, е од организација во Канада, која има прилично сомнителни антиевропски, антиамерикански, антисемитски пораки и работи во оваа насока – рече Донев.
Градоначалникот на општина Благоевград, Илко Стојанов, пред два дена соопшти дека нема искажана намера во општина Благоевград според сегашната законска регулатива да бара изградба на нова зграда или пренамена на постоечка зграда за намена „Македонски културен клуб. “. Тој информираше и дека ниту забранил ниту дозволил одржување на каква било приватна манифестација поврзана со „Македонскиот културен клуб“, а Општината добила само покана упатена до него да присуствува на приватен настан на кој тој нема да присуствува.
Истовремено, бугарското ВМРО најави протест против отворањето на клубот „Никола Вапцаров“. Тој е закажан за утре во 11:00 часот кај споменикот на Гоце Делчев.
– Претстојното отворање на Македонскиот културен клуб во Благоевград, за кое до пред неколку дена немаше официјална информација, а до сега нема информации од бугарските власти, почнува да отвора низа сомнежи за неговата вистинска дејност. Идниот културен центар се најавува како заштита на правата на Македонците во Бугарија и во светот, а клубот го носи името на Никола Вапцаров кој од иницијаторите беше прогласен за Македонец. Покрај тоа, на отворањето на Македонскиот клуб во Благоевград, ќе пристигнат претставници на антибугарските партии кои секојдневно фрлаат лаги и омраза и ќе им биде дозволено да престојуваат во центарот на градот – наведува партијата, а пренесуваат бугарските медиуми.