Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) на 16 февруари ќе ја објави одлуката за повлекувањето на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за поранешни функционери и други лица кои ги гонеше Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Плусинфо дознава дека Судот ги известил и апликантите кои ја обжалија одлуката на Иванов да ја повлече аболицијата и Владата за датумот на објава. Информацијата за „Фокус“ ја потврдил и владиниот агент од Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП, Даница Џонова.
Како што е познато, со аболицијата на претседателот Иванов од април 2016 беа опфатени 54 лица од предметите на СЈО. По бурните реакции во јавноста и направените измени во Законот за помилување, тој ја повлече аболицијата.
Девет апликанти, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, се пожалија дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече и дека станува збор за стекнато право. За тоа постојат и соодветни пресуди на ЕСЧП, за слични ситуации во други земји.
Плусинфио дознава дека на 9 февруари ЕСЧП на својот веб-сајт ќе објави информација за објавата на одлуката. Од оваа информација ќе се разбере најважната работа во овој момент – дали Судот веќе донел пресуда за овој случај.
Добро упатени извори на Плусинфо велат дека постојат две опции за тоа како ќе постапи ЕСЧП: или Судот веќе донел пресуда што ќе ја соопшти на 16 февруари, или ЕСЧП ќе објави одлука за допуштеност на апликацијата и потоа одлука може да донесе постоечкиот совет или можеби Големиот совет на Судот.
Своевремено, во случајот „Ел Масри против Македонија“, пресудата ја донесе Големиот совет на ЕСЧП. Има експертски мислења дека Судот би можел така да постапи и во овој случај. А како што е познато, Македонија го изгуби случајот против Ел Масри, му плати отштета и јавно му се извини.
Дури и евентуалното решение на ЕСЧП во Стразбур дека апликациите се допуштени експертите по правило ги толкуваат како сериозна најава дека апликантите можат да се надеваат на позитивна пресуда на Судот во Стразбур.