Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека има намера утре телефонски да разговара со рускиот и украинскиот колега, Владимир Путин и Володимир Зеленски.
– Се разбира, Русија нема да гледа позитивно на тие работи (приклучувањето на Шведска и Финска во НАТО). Русија, пред сè, е загрижена за финското прашање. Зошто? Затоа што ова е погранична земја и затоа не го поддржува членството на Финска во НАТО. Всушност, Русија не поддржува влез на ниту една скандинавска земја во НАТО – изјави Ердоган пред новинарите по враќањето од посетата на Азербејџан.
– Сонуваме дека војната меѓу Русија и Украина ќе заврши со мир што е можно поскоро, но се чини дека настаните се развиваат негативно од ден на ден – рече Ердоган.
– Во понеделник ќе имам телефонски разговори со (претседателот) на Русија и (претседателот) на Украина. Ќе продолжиме да ги повикуваме страните да ги користат каналите на дијалог и дипломатија – посочи турскиот лидер.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за руските медиуми потврди дека разговорот на Путин со Ердоган е планиран за утре.