Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во интервју за американски Пи-Би-Ес ја повика Москва да ѝ ги врати на Украина сите територии што ги нападнa. Тој го спомна и враќањето на полуостровот Крим кој беше анектиран во 2014 година, пренесува Мондо.
– Ако треба да се воспостави мир во Украина, се разбира, враќањето на земјата што беше нападната ќе стане навистина важно. Тоа е она што се очекува. Тоа е она што се бара. Путин презеде одредени чекори. Ние презедовме одредени чекори. Териториите што биле нападнати ќе ѝ бидат вратени на Украина – подвлече Ердоган.
Тој изјави и дека со својот „пријател Путин“ разговарал за Крим уште од 2014 година.
– Од 2014 година, разговараме со мојот драг пријател Путин за ова и тоа е она што го баравме да го направи. Го замоливме да го врати Крим на неговите вистински сопственици… за жал, не е преземен никаков чекор.
На прашањето кој според него има превласт во војната во Украина, Ердоган одби да даде одговор.
– Како лидер, не сум подготвен да размислувам за ова. Сè што сакаме да направиме и што сакаме да видиме е мирно да ја завршиме оваа битка, без разлика дали е Путин или Зеленски, секогаш ова сум го барал и го препорачувам. Ова е конфликт каде што имаме многу жртви. Луѓето умираат и на крајот на денот никој нема да победи – вели тој.
Ердоган исто така тврди дека со Путин отворено разговарал за водењето на војната.
– Во Узбекистан се сретнав со претседателот Путин и имавме многу опсежни разговори со него. И тој всушност ми покажува дека е подготвен да го прекине ова што е можно поскоро. Тоа беше мојот впечаток, бидејќи начинот на кој се одвиваат работите во моментов е прилично проблематично. Според договорот меѓу страните ќе бидат разменети 200 заложници. Мислам дека ќе биде направен значаен чекор напред – рече Ердоган.
За време на интервјуто, Ердоган потсети дека „ниту една инвазија не може да се оправда“ и остана дипломатски резервиран кога беше прашан дали Путин направил погрешна проценка при започнувањето на окупацијата.
– Ниту еден лидер после тоа не би рекол дека е грешка. Никој нема да каже, да, згрешив. Истото може да се примени и за Украина. Зеленски, дали мислите дека кога тргна во контраофанзива, дали чувствуваше дека тој направи грешка? Лидерите, штом ќе тргнат по патот, многу е тешко да се вратат назад. Многу е тешко за лидерите да се вратат назад – заклучува турскиот претседател.