Српскиот национален авиопревозник, Ер Србија од јуни годинава ќе ги обнови летовите меѓу Белград и Охрид, известува ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.
Охрид ќе биде воздушно поврзан со Белград четири пати во неделата, односно секој понеделник, среда, петок и сабота, од 5. јуни 2023 година.
Како што изјавија претставниците на Ер Србија, враќањето на Охрид во мрежата на летови на авиокомпанијата е одлично дополнување и тие се уверени дека патниците се радуваат за оваа услуга од Охрид и се воодушевени што овој фасцинантен град ќе биде попристапен.
– Оваа авио-конекција ќе значи дека туристи од Србија ќе можат да патуваат до Охрид со авион и да ја посетат околината и регионот на Охридското Езеро на побрз и поудобен начин. Понатаму, оваа линија дополнително ќе отвори нови дестинации за нашите граѓани и за луѓето во гравитациската зона на охридскиот регион бидејќи Ер Србија лета до преку 70 дестинации во Европа, Медитеранот, Северна Америка, Азија и Африка, што претставува уште една предност и погодност за нашите патници – изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Авионските билети за оваа обновена авионска линија се во продажба и може да се резервираат на веб-страницата на Ер Србија, https://www.airserbia.com/en/destinations/flights-to-ohrid, како и на мобилната апликација на Ер Србија, достапна и за Android и за iOS.