Најмалку 28 лица загинаа во експлозија во џамија во пакистанскиот град Пешавар, јавува Би-би-си.
Експлозијата се случила кога џамијата била полна со верници, а повеќе од 150 луѓе биле повредени, пишува Би-Би-Си.
Дел од зградата е уништен, а властите велат дека има луѓе затрупани во урнатините. Неколку лица се пренесени во болници.
Причината за експлозијата не е позната. Премиерот Шебаз Шариф најостро го осуди нападот.
Во изјавата, Шариф рече дека оние кои стојат зад инцидентот „немаат никаква врска со исламот“.
Тој додаде дека „целата нација стои обединета против злото на тероризмот“.
Експлозијата се случила за време на попладневната молитва во тој град, недалеку од границата со Авганистан.
Мохамед Асим, портпарол на болницата, изјави дека некои од повредените се во критична состојба.
„Тоа е итен случај“, рече тој.
Локалните медиуми јавија дека полицијата, армијата и антидиверзантската единица се на терен.
Во главниот град Исламабад, полицијата издаде предупредување и соопшти дека безбедноста на сите влезови и излези од градот е зголемена.