„Унилатералната изјава за македонскиот јазик за лингвистите е срам за македонската наука. Со унилатералната изјава на Р с. Македонија, всушност, се откажуваме од историскиот и научен факт дека македонските говори од егејска Македонија, денешна Грција, се основа на старословенскиот и црковнословенскиот јазик од кирилометодиевската епоха на нивната кодификација“, реагира академик Катица Ќулафкова по денешното објавување на целиот текст на оваа изјава на македонската држава во Брисел.
За професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ оваа изјава е срам за дипломатијата, за македонската наука за јазикот, за Собранието и за Македонија и Македонците воопшто.
За академик Катица Ќулафкова просторно-временскиот континуум на македонскиот јазик значи негово постоење вон просторот на денешната држава Македонија и вон современото време.
„Никој нема право да се откаже од неговиот историски развој и од улогата што македонските говори ја имале во развојот на словенските јазици. Никој нема право да се откажува од македонските дијалекти во соседните држави. И никој не е овластен да се откаже од македонското малцинство во соседството и во светот“.
Професорката Елка Јачева-Улчар вели дека текстот е нелекториран (на стандарден македонски јазик не се вели „согласно сознанијата“, туку „во согласност со сознанијата/согласно со“, не се вели „било какви“ туку „какви било“, се пишува македонски народ, а не Македонски нароСд…) и дека се коси до Резолуцијата од македонското Собрание.
Во Резолуцијата се вели дека преговорите треба да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.
„Во текстов гледам сѐ, само не и рамноправност и почитување достоинство на македонскиот народ. Текстот е содржински катастрофален и оди на рака на бугарската страна. Зошто? а) Зашто историјата на македонскиот јазик не започнува од 1945 година, туку уште со Моравската мисија за чии цели бил создаден старословенскиот јазик врз македонски говори од околината Солун.; б) Дијалектното просториње на македонскиот јазик оди и преку државните граници на Република Македонија (во Пиринска и Егејска Македонија, како и во пограничјето со Албанија и Косово). Кардинална неточност е дека македонскиот јазик бил „признат“ на Третата конференција на УНГЕГЕН во Атина 1977 година. Ова што го кажувам ќе ви го каже секој чесен и достоинствен македонист, кој работи во полза на својата на професија, а не во полза на разнебитената политичка партија која на ситно ја распродаде Македонија за „туѓи бели дворови“. Од денес, ние, Македонците, ќе си `ргаме како робови благодарение на нив“, напиша Јачева-Улчар.
Со своја реакција на унилатерлната изјава излезе и Друштвото на писателите на Македонија, ДПМ. Според нив, македонскиот јазик не е ничив дијалект.
„Ние сме Македонци, наш мајчин и татков јазик е македонскиот и ние нема потреба никому да докажуваме дека сме Македонци и дека нашиот јазик е македонскиот.
Македонскиот јазик има дијалекти, но нашиот македонски јазик не е никаков и ничиј дијалект“, велат од ДПМ.
Наспроти овие академици стои ставот на професорот Људмир Спасов, кој е и претседател на Советот за македонски јазик. Според него, во изјавата Македонија не се откажува од дијалектите туку само го дефинира стандрадниот јазик, додека дијалектите спаѓаат во „македонското јазично подрачје“.