Капка во морето се олеснувањата што ги најави владата за поставување фотонапонски централи на куќи, згради и погони, со измените на Законот за градба, велат експерти што ги консултираше Плусинфо. Според нив, владата не изменила ништо во однос на фактичката состојба со поставувањето фотоволтаици, а забележуваат и на дозволената моќност, која, како што велат, е мала за да биде исплатлива инвестицијата, како за граѓаните така и за компаниите.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски како клучна измена ја издвои таа според која на граѓаните нема да им биде потребно решение од општината за поставување на фотонапонските централи. Граѓаните ќе треба да достават само известување до општината, со основен проект и имотен лист за објектот на кој треба да бидат поставени.
– На овој начин домаќинствата и заедници на станари ќе можат да постават фотонапонски електроцентрали со јачина до 6 киловати, а правни лица до 40 киловати – рече Бочварски.
Професорот Константин Димитров вели дека фактички нема никакво олеснување во постапката.
– Ако треба секој што сака да постави фотонапонски централа на покривот да достави основен проект, кој е составен од три други проекти коишто треба да се контролираат, тоа значи дека ништо не е олеснето. Има и низа други бариери кои непотребно се ставени, а кои ги дестимулираат инвеститорите – вели Димитров.
Тој смета дека и одлуката да се дозволи вакви централи да бидат со јачина од 6 односно 40 киловати е неприфатлива.
– Не треба да се ограничува моќноста. Треба да се дозволи граѓаните и стопанските субјекти да поставуваат централи со моќност што би им ја дозволила електродистрибуција. Само така граѓаните и фирмите ќе имаат корист од поставувањето фотонапонски централи. На пример, ако електродистрибуција ти дозволила да можеш да трошиш 120 киловати, коректно е да можеш да вложиш во централа со толкава јачина. Само така вложувањето ќе биде исплатливо. Со 6 киловати не е исплатливо. Дополнително, треба да се подготвува само еден електропроект. Владата мора да се откаже и од ДДВ, но и да ги субвенционира овие вложувања. Се најавија субвенции, но нив никаде ги нема. Не знам што се чека – вели Димитров.
Тој објаснува дека државата има само корист од вложувањето во што поголем број вакви централи и од дополнителната струја во системот што нема да мора да ја купува.
– Но, ваквите вложувања ќе го намалат профитот на компаниите кои увезуваат струја. Веројатно и ЕВН е против тоа, како и сите други електродистрибутивна компании. Сепак, државата треба да го гледа својот интерес и во овој случај – додава Димитров.
Овој експерт доставил писмо до министерствата за економија и за финансии, со предлози за поедноставување на постапката за инсталирање фотонапонски централи, па чека некаков одговор.
Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“ вели дека владата сега увидела дека секој на приватен имот може да си постави што сака без одобрение од општината.
– Решенијата за градба за граѓаните кои на покривите на сопствен објект поставуваа фотонапонски централи за сопствени потреби беа непотребни и претходно. Замислете секој што има бавча да бара дозвола од општината што ќе посади. Покривите се современи градини, на кои сопствениците можат да постават што сакаат. Во случајов, дури и не прават никакво загадување на воздухот, но имаат производство на струја што го користат. Друг е случајот кога произведената струја сакате да ја продавате. Во тој случај, според мое мислење, потребно е да се бара лиценца за производство – вели Ненов.
Неговата главна забелешка на измените на Законот за градба е тоа што со нив не се дозволува граѓаните кои живеат во станови да постават фотонапонски централи на покривите на зградите и да ја користат струјата за сопствени потреби, туку само за заедничките простории.
– Се прашувам, зошто и на овој начин се фаворизира монополот на една компанија? Инаку, зошто не би им се дозволило на заедниците на станари да произведуваат струја за становите? Во овој случај, со законот требаше да се дозволи формирање енергетски заедници во зградите, на кои би им се дозволило да постават помоќни фотонапонски централи, до 50 киловати, за да можат да ги задоволат потребите од струја на сите станари, а ако имаат поголемо производство, да го продаваат. Во овој случај би можело да се пропише парите од продажбата заедницата на станари да ги уплаќа во резервниот фонд кој се користи за разни реконструкции односно поголеми зафати во зградата – вели Ненов.
Вака како што е предложено, додава тој, се отвора можност во иднина енергетски компании да закупуваат покриви на згради и да произведуваат струја за станарите за продажба.
– Така, парите ќе завршат на контата на некои фирми. Мислам дека во блиска иднина тоа ќе се случи – вели Ненов.
Заинтересирани граѓани за вложување во вакви објекти велат дека владата доцни со сето она што значи олеснување на постапката.
– Премногу пари се вложуваат за да се стигне до крајот, а тоа е поставувањето на фотоволтаиците. Сето она што го бара владата во врска со проектите, лиценцираните изведувачи, контролите на целокупната постапка, сето тоа е скапо, бидејќи 6 киловати на ваква централа на покривот, според моите пресметки, нема да задоволат ниту дел од струјата што ја трошам годишно. Сметам дека треба да се дозволи да се вградуваат поголеми централи – вели скопјанец што ги разгледува можностите за инвестирање.
И бизнис заедницата бараа поголеми олеснувања за поставување фотонапонски централи, но нејзините претставници во моментов не се сигурни што точно олеснила владата, бидејќи не го виделе текстот.