Аналитичарот Едвард Џозеф смета дека е зголемено руското влијание на Балканот, а дека негов најголем промотор е српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Алсат.
– Вучиќ продолжува да биде домаќин на „Спутник Србија“ и други руски медиуми кои осигуруваат платформа за лажен руски наратив за непровоцираната руска инвазија во Украина, додека Украинците херојски си ја бранат земјата. Со тоа и вашата безбедност е под закана. Безбедноста на сите граѓани на Северна Македонија е под закана – вели Џозеф.
Едвард Џозеф од Скопје порача Македонија да остане под „ЕУ и НАТО чадорот“ и засилено да се посвети на реформи. Тој го критикува политичкиот контекст на иницијативата „Отворен Балкан“, велејќи дека така се шират српските апетити. Според Џозеф, Скопје треба да ги зајакне односите со Приштина и со Атина.
Од друга страна, аналитичарот Јануш Бугајски, на конференција во Тирана посветена на американско-албанските односи, подвлече дека Кремљ засилено се обидува да ја наруши безбедноста на Балканот.
– Русија на Балканот не гледа како на поле, туку како на стратешко богатство и таму се обидува да ја поткопа улогата на меѓународните институции и да создаде нестабилност. Сојузници на Москва во регионот се Вучиќ и Милорад Додик. Има руски функционери кои го охрабруваат Вучиќ да доминира на Балканот – рече Бугајски.