Претседателот на Совет на Европа, Шарл Мишел, пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан изјави дека ова е историски ден не само за Тирана, туку и за односот на ЕУ со Западен Балкан.
– Ова ќе биде важен, симболичен состанок. Ова е првпат да се одржува овде, во земја која не е членка. Убеден сум дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна со нашите напори. Денеска ќе го потпишеме договорот за роаминг трошоци. Олеснување за бизнисите, граѓаните, туризмот. Следното прашање ќе биде енергетската криза. Возбудливо е да се биде овде. Иднината на Европа, тоа е иднината на нашите деца, ќе биде побезбедна со Западен Балкан. Приближувањето до регионот е важно за нас – изјави Мишел.
На Самитот во Тирана телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и Западен Балкан потпишаа Договор со кој ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот од 1 октомври 2023 година. Со Договорот се отвора патот за почеток на процесот за укинување на тарифата за роаминг меѓу земјите од Европската Унија и Западен Балкан.
Лидерите од Западен Балкан дискутираат со европските лидери како Мишел, Фон Дер Лајен и шефовите на европските држава, за европската иднина на целиот регион и јакнењето на соработката, не само помеѓу себе, туку и со земјите од ЕУ.
Главна тема останува конфликтот во Украина, а лидерите на ЕУ во Тирана ќе разговараат и за негативните последици од енергетската криза во Западен Балкан, кибер нападите, вклучително и загриженоста за зголемување на илегалната имиграција во земјите на ЕУ.
Безбедносните мерки во Тирана се на највисоко ниво, а на булеварот „Народни херои”, каде што опозицијата во 12 часот најави протест, како и на булеварот „Италија” каде се наоѓа Конгресната палата, каде се одржува самитот, целосно е блокирано движењето со поставени полицски кордони.