Европската Унија планира да ја зголеми минималната можна акциза за цигарите од 1,8 на 3,6 евра за кутија од 20 парчиња.
Според предлогот, поскапуваат и е -цигарите. Така посилните тутунски производи за испарување ќе имаат минимална акциза од 40 отсто, а послабите до 20 отсто, додека пак загреаните тутунски производи ќе имаат акциза од 55 отсто или за продадени 1.000 единици ќе се наплаќа 91 евро.
Се очекува зголемувањето на акцизите за тутунските производи да ги зголеми приходите на земјите членки на ЕУ за 9,3 милијарди евра.
Со оглед на тоа што минималната акциза за кутија цигари ќе биде 3,6 евра, тоа значи дека ќе поскапи целиот асортиман на марки тутун. Оваа одлука на ЕУ би значела зголемување на вкупната цена на цигарите и за 3 евра во земјите членки од Источна Европа.
Оние што го поддржуваат овој потег не кријат дека целта им е цената на тутунските производи барем да биде во чекор со инфлацијата, а најголеми поскапувања се очекуваат во Бугарија, Словачка, Полска и Унгарија.
Планот на ЕУ е до 2040 година да има генерација без тутун, а пред тоа целта е до 2025 година да се намали уделот на корисници на тутунски производи од 25 на 20 отсто. Во крајна линија, односно во 2040 година, уделот на корисници на тутунски производи треба да биде под 5 отсто.