Европска комисија денеска објави дека предложила план за конфискација на руски средства што се замрзнати за да се казни Москва за нејзината инвазија врз Украина.
– Блокиравме 300 милијарди евра, резерви на руската Централна банка и замрзнавме 19 милијарди евра пари на руските олигарси – изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Според неа, ЕУ и нејзините партнери би можеле краткорочно да управуваат со овие средства и да ги инвестираат. Приходите ќе одат во Украина за да се компензира штетата предизвикана од војната.
– Ќе работиме на постигнување меѓународен договор со нашите партнери за да се овозможи тоа. Заедно можеме да најдеме правни начини тоа да го оствариме – наведе Лајен.
Таа додаде дека ЕУ предлага да се формира специјален суд, со поддршка на Обединетите нации, кој ќе ги истражува руските злосторства во Украина.