Застрашувачките сцени од Украина го обиколиле светот, а на нив се гледа како постари жени и деца користат пушки за да бидат подготвени за наводна руска инвазија, пренесе Дејли Мејл.
Украинците со сите средства се подготвуваат за војна од невидени размери со армијата на Руската Федерација, покажуваат фотографиите и снимките од поранешната република на СССР на кои се гледа како за потенцијалните судири се обучуваат и најмладите, но и оние најстарите.
Меѓу оние кои одат на обука за работа со автоматско оружје така се нашла и 79-годишната Валентина Константиновска, која инаку е прабаба, и која не се плаши во раце да земе „калашников“. Како што пренеле британските медиуми, старицата е гордост на својата земја во момент кога, како што пренеле, постои голема опасност Русија да изврши инвазија на Украина.
Константиновска е од украинскиот град Маријупољ, на истокот на земјата, а обуката за ракување со оружје и ја пружиле, ни помалку ни повеќе туку припадниците на озлогласениот баталјон Азов, чии припадници веќе пристигнале на првата линија на фронтот. Меѓу нив има и многу од оние кои без проблем носат нацистички симболи, како и тетоважи од кукаст крст и постери од Адолф Хитлер.
– Валентина е наш херој, како и сите овие дечиња, од кои некои немаат ни пет години – наведуваат локалните украински медиуми.
– И вашата мајка сигурно би го направила истото за својата земја – рекла Валентина за репортерите од местото каде се одржувале воените вежби за цивили, но потоа признала дека не е сигурна дали ќе биде добар војник со оглед на тоа дека нејзиното тело повеќе не ја слуша.
– Ова оружје е премногу тешко за мене – навела таа.
Освен неа, на вежбите присуствувале и многу други дами од различни возрасти, кои откриле дека нема да се плашат да одговорат со сила доколку Русија ги нападне.
Слични воени вежби за цивили биле одржани и во други делови на земјата, а на страшните снимки се гледа дека меѓу учесниците има и многу деца.
Некои меѓу нив се во состојба да склопат и да расклопат оружје за неколку секунди, што ги поттикнало светските медиуми да коментираат дека Украинците се во голем страв.
Тоа и не чуди ако се има во предвид дека функционерите секојдневно ја обвинуваат Русија и Владимир Путин дека ќе започнат инвазија на Украина и ќе поттикнат судир од глобални размери.