Подготвивме измените на Законот за земјоделско земјиште според кои приватното необработено, или напуштено земјиште, државата во ваква криза ќе може да го дава на користење на оние кои сакаат да го обработуваат – истакна министерот за Земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски вечерва во гостување на ТВ Сител.
– Во земјава имаме 540 илади хектари земјоделско земјиште од кои моментно не се обработуваат 85 илајди хектари државно земјиште и дополнителни 90 илади хектари приватно земјиште. Сега ќе навлеземе во детални анализи и токму затоа ги подготвивме измените на Законот за земјоделско земјиште каде велиме и приватното необработливо земјиште или напуштено ќе може државата да го дава на користење. Фактот дека 1.500 договори се потпишаа оваа година говори за заинтересираноста на луѓето и земјоделците во целокупниот сектор, иако овие две години ќе бидат тешки, особено во делот на храната, затоа треба да бидеме целосно подготвени со сите мерки и политики – рече Николовски.
Тој додаде дека оние земјоделци кои егзистираат од земјоделство преку програмата за рурален развој ќе може да побараат и дополнителна подддршка.
– За оние кои постојано велат ама ние опстојуваме само од земјоделие, а субвенции земаат сите, секој може да земе, нив ги издвојуваме во посебна категорија преку програмата за рурален развој каде велиме нема да чекате оглас или повик за трактор, систем за наводнување и друго, туку во 2023 година сите кои се регистрирани по Законот за вршење земјоделска дејност и егзистираат од оваа работа, покрај субвенциите, целокупната подршка, ќе може да аплицираат и за 10.000 евра поддршка од Агенцијата. Со бизнис план без да чекаат рокови, отворен јавен повик за цела година било кој ден, кога ќе ја подготват апликацијата за она за што сметаа дека им е потребно дали за преработка, производство, маркетинг и финализирање на производите, и нив со овој модел ги издвојуваме и велиме овие се побитни, бидејќи егзистираат од земјоделството и нив ги сметаме за попривилегирани – појасни министерот.
Следната година Министерството ќе ги исплати сите долгови кон земјоделците, и ќе може ведаш да почне со авансни исплати кои се предвидени во новиот систем за субвенции кој ќе има за цел зголемување на домашното производство на храна.
Николовски очекува пратениците да ги изгласаат сите закони во делот на храната за како што рече да имаат инструмент да реагираат на пазарот.
– Нашето барање во делот на стоковите резерви, на пример, во однос на барањето на оризопроизводителите, оризот да влезе во Законот за стокови резерви, денеска проверив и е на второ читање во Собраниска седница. Јас очекувам пратениците сите закони во делот на храната да ги донесат со цел да имаме инструмент како да ја подобриме состојбата и кај оризопроизводителите. Треба да се користат механизмите. Со ребалансот беа издвоени 40 милиони евра за набавка на стоковите резерви и секако дека Владата во одреден период треба да реагира и преку стоковите резерви, и тие се една од алатките кои ги имаме на располагање – рече министерот за земјоделство Николовски.