Бизнисот повторно се најде среде плановите на Владата за полнење на буџетската каса и преку еднократен данок на екстра профит од кој ќе се финансираат мерките за надминување на кризата.
Новото законско решение, кое треба да се применува од следната година, иако не го помина пратеничкиот филтер, предизвика реакции кај бизнисмените и кај бизнис заедниците кои сметаат дека недоволно биле прифатени нивните забелешки и искуствата од другите земји кои вовеле вакви законски решенија и дека овој данок не треба да го плаќаат сите компании кои оствариле екстра профит, туку само оние кои профитирале од кризата.
Владата тврди дека добро одмерила, а ваков данок треба да плаќаат сите компании кои заработиле повеќе од вообичаено.
Според пресметките на Владата, со новото законско решение за даночење на екстра профитот направен годинава во услови на енергетска криза, државата треба да наплати дополнителни 90 милиони евра. Со оваа давачка, како што рече вчера вицепремиерот Фатмир Битиќи, ќе бидат опфатени неколку илјади компании иако неговиот колега Фатмир Бесими претходно рече дека станува збор за 180 компании кои годинава оствариле вкупен приход од над 10 милиони евра и чиј профит е поголем од 20% во однос на четиригодишниот просек. Практично тоа значи дека компании од сите стопански сектори кои ги исполнуваат условите ќе го плаќаат овој данок.
Бизнисот не ги знае критериумите
Бизнисмените сметаат дека потребата од ваков данок е логична, но начинот на кој се носи не ветува дека нема да има проблеми во неговата примена бидејќи не се јасни критериумите по кои ќе се пресметува и не е јасна дефиницијата за тоа што е екстра профит.
– Не можам да го коментирам ова законско решение бидејќи сè уште не ги знаеме точно критериумите според кои ќе се оданочуваат компаниите, но логично е да се воведе ваков вид на данок. Има одделни изјави во медиумите но тоа не е доволно за да се утврди кои компании би подлежеле на овој вонреден данок. Прво не е јасно што се подразбира што е екстра профит, а потоа и што фактички ќе се оданочува. Знаете, кај нас се носат закони без милењето од широката база на засегнатите или се води расправа, а предлозите на засегнатите не се земаат предвид во решенијата. При тоа се превидуваат значајни работи кои подоцна при примената на законот прават проблеми или нејаснотии. Мислам дека и за ова законско решение ќе биде така – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Според него, многу е важен критериумот врз основа на кој ќе се пресметува овој данок и кој процент од добивката ќе биде земен предвид.
– Потребно е да се утврди границата над која ќе се оданочува добивката како екстра профит. Притоа е важно да се има предвид процентот на профитот во однос на вкупните приходи кои ги остварува компанијата – вели Димитров.
Вчера и Стопанската комора побара преиспитување на законското решение. бидејќи. како што беше речено. тоа ќе влијае на рејтингот на државата за идни странски инвестиции, оти не дава предвидливост во работењето.
Комората забележува што дел од нејзините предлози кои се однесуваат на тоа да се оданочуваат само компаниите кои оствариле екстра профит поради кризата, но не и сите компании кои ќе забележат профит.
– Суштински важно е дека согласно предложениот концепт кај нас со вонредниот данок на дополнителна добивка за 2022 година ќе се оданочуваат сите компании, независно од дејноста која ја вршат и дали дополнителната добивка која ја оствариле компаниите се должи на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјунктурни поместувања на пазарот) или се должи на раст на добивката на компаниите како резултат на нивното работење, односно како резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и сл. Така, со предложениот концепт на оданочување кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните четири години и добивката во 2022 година во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестиции, зголемена ефикасност во работењето и зголемена продуктивност на вработените – велат од Комората.
Владата смета дека добро е одмерено
Од Владата, пак, тврдат дека данокот е добро одмерен и дека станува збор за кризна давачка којашто се предлага да се воведе еднократно врз основа на деловните резултати остварени годинава. Со новиот данок ќе бидат опфатени фирми кои годинава оствариле приход од над 10 милиони евра и е поголем од 20 отсто во однос на четиригодишниот просек
Според владиниот предлог, како основа нема да се зема целата добивка, туку онаа во билансот, што значи после ослободувањата, за реинвестирана добивка и слично. За разлика од другите земји во Европа кои воведоа ваков данок кај нас според она што е познато, а за што владините претставници само нафрлаат информации, е дека кризниот данок ќе се однесува на сите сектори.
– Мислам дека ќе бидат опфатени и секторот фармација, трговија со прехранбени производи, малопродажба, големопродажба, енергетика, тие што тргуваат со нафтените деривати, банките … Значи има различни сектори – изјави вчера вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Планот на Владата е парите собрани од овој данок да не се слеваат директно во буџетот, туку да одат на посебна сметка од која ќе се финансираат антикаризни мерки.
Предлог законот за екстра профит веќе е доставен во Собранието. Но, опозицијата најави дека нема да го поддржи. Според опозиционерите, не е коректен концептот тие што инвестирале и повеќе заработиле, да плаќаат поголем данок од оние кои не вложувале.
– Планираме да ја блокираме оваа мерка бидејќи тоа не е борба со сивата економија. Тоа се компании кои се плаќачи на данок, а на некои од нив профитот им се зголемил затоа што претходно вложиле во производството и зголемување на вработени – изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Како е во другите земји?
Ваков данок пред неколку дена донесе Хрватска каде што приходот на компаниите се ограничува на 39,7 милиони евра, а се воведуваат две стапки на екстра профит од 24 односно 30 отсто. Во оваа земја сите компании ќе го плаќаат овој данок.
Ваков данок воведе и Велика Британија која одреди стапка од 25% за екстра профитот направен од компаниите од енергетскиот сектор (нафтени и гасни компании).
Италија, пак, ќе ги оданочува енергетските компании со екстра данок од 50% бидејќи профитирале од цените на нафтата и гасот, додека, Унгарија утврди стапка од 65% за екстра профитите на енергетскиот сектор, финансискиот сектор, авиотранспортот и трговијата на мало.