Доделувањето на „Златните глобуси“, која е омилена забава на Холивуд, последниве години ја тресат скандали и бојкоти, но денеска ќе се обиде барем делумно да си го врати угледот со присуството на холивудската „А-листа“.
Домаќин на наградите ќе биде комичарот Џерод Кармајкл, а меѓу доделувачите ќе биде и Квентин Тарантино.
Но, многу од номинираните сѐ уште не го потврдиле своето доаѓање. Новинарот Пит Хамонд смета дека овогодишните Глобуси ќе се разликуваат од вообичаениот блесок, познат по бурните забави по доделувањето на наградите.
– Ќе биде многу потивко. Нема да ја има вообичаената „афтерпарти“ забава. Ништо од тоа… Филмските студија нема да трошат пари за тоа оваа година – рече Хамонд.
Том Круз, кој е и продуцент на продолжението на „Топ ган“, веројатно нема да присуствува на наградите, бидејќи веќе ги врати неговите три „Златни глобуси“ на ХФПА во знак на протест поради нивното однесување.
– Не можете да ја купите традицијата! Но, контроверзиите околу недостатокот на различности, недостатокот на професионализам и наводната корупција значително го намалија влијанието на Златните глобуси врз Оскарите. Кога секоја приказна за „Глобусите“ почнува со скандали… Тоа ја прави наградата помалку веродостојна во очите на гласачите на Академијата, рече Хамонд.
За разлика од „Оскарите“, „Златните глобуси“ се поделени во две категории: „Драма“ и „Мјузикл или комедија“. Меѓу драмите, филмот на Спилберг ќе има остра конкуренција од хитовите „Топ ган: Маверик“ со Том Круз и продолжението на „Аватар“ на Џејмс Камерон.
А пак, два филма од светот на музичката драма – „Тар“ и „Елвис“ би можеле да изненадат, велат познавачите. Ѕвездите во нив – Кејт Бланшет, која глуми бескрупулозна диригентка и Остин Батлер, кој го отелотвори „кралот на рокот“, се фаворити кај глумците.
Успехот на „Златните глобуси“ отсекогаш бил признак и прогноза за соодветниот „Оскар“. Овојпат повторно, гласачите на „Академијата“ ќе почнат да гласаат за номинациите за Оскар в четврток, два дена по доделувањето на „Златните глобуси“.