Грчкото Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека двајца Грци загинале, а двајца се тешко повредени во инцидент со украински војници во близина на демаркационата линија со проруските сили, пишува Ројтерс. Се наведува и дека инцидентот избувнал откако грчките и украинските војници се скарале од „безначајни причини“.
Се шпекулира дека расправијата започнала околу користењето на тоалети, но таа информација уште не е потврдена.
Според украинските медиуми, се наведува дека војниците пукале од службено оружје и дека престрелката се случила во кафуле во селото Хранитни. Грчките медиуми пишуваат дека војниците биле во алкохолизирана состојба, а убиени се таткото на две деца и еден постар маж, кој имал и внуци, пренесува Мондо.
Во соопштението не е наведено што прават Грците во областа, но претставник на грчкото министерство изјави дека инцидентот нема никаква врска со актуелниот конфликт во регионот. Од Министерството навеле и дека тројца украински војници се одговорни за смртта и повредите на четворица Грци во селото Хранитни во близина на линијата за демаркација.
Украинските власти не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар.
Во соопштението на Министерството се вели дека грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас се обидел да разговара со својот украински колега за инцидентот и да нагласи дека грчката заедница во Украина треба да биде заштитена. Неколку илјади грчки граѓани живеат во поранешната советска република, а денешна Украина.