„Турската врска“ со американските чипови кои завршуваат во руски ракети и оружје и покрај западните санкции, а преку нивен извоз во Турција, за која пишуваше Плусинфо добива нова разврска. Овојпат, двајца американски државјани, како и петмина руски државјани се обвинети за заговор за набавка на воена технологија и муниција од американски компании за рускиот одбранбен сектор, јавува Њузвик.
Обвинението од 16 точки, кое беше објавено во понеделникот во Бруклин, не опфаќа само чипови туку и друга опрема. Поконкретно, американските и руските државјани, биле поврзани, во „глобална мрежа за набавки и перење пари во име на руската влада“.
Американското министерство за правда соопшти дека осомничените се обвинети за незаконско купување и извоз на „високо чувствителни и строго регулирани електронски компоненти“. Некои од компонентите може да се користат во развојот на нуклеарно и на хиперсонично оружје.
Тројца од обвинетите, меѓу кои и двајцата жители на САД, се уапсени и моментално се во притвор. Уапсените американски државјани беа именувани како Алексеј Брајман, законски постојан жител на САД кој живее во Њу Хемпшир и Вадим Јермоленко, американски државјанин кој живее во Њу Џерси. Третиот уапсен, Вадим Коношченок, беше приведен во Естонија на 6 декември, откако властите пронајдоа муниција од американско потекло во магацин тешка 170 килограми.
Министерството за правда соопшти дека Коношченок е осомничен офицер на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), главната агенција наследничка на КГБ . Тој ќе биде екстрадиран во САД.
Останатите четворица обвинети – Евгениј Гринин, Алексеј Иполитов, Борис Лившиц и Светлана Скворцова – сè уште се во бегство.
Министерството за правда соопшти дека обвинетите се поврзани со Serniya Engineering и Sertal LLC, две компании со седиште во Москва кои „работат под раководство на руските разузнавачки служби за набавка на напредна електроника и софистицирана опрема за тестирање за рускиот воен индустриски комплекс и сектор за истражување и развој“.
фото: pixabay.com