Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ја коментираше најавата на Приштина дека ќе поднесе барање за членство на Косово во ЕУ, за што рече дека е потребен консензус „кој го нема во ЕУ”. Тој оцени дека станува збор за политичко-маркетиншки потег за внатрешно-политичка употреба во Косово, јави допсиникот на МИА од Белград.
– Пред само еден месец реков дека имаме информации дека Приштина ќе поднесе апликација за членство во ЕУ. Сметаме дека таквиот потег е двојно лош. Прво, затоа што е јасно дека нема единствен став во однос на статусот на Косово и Метохија, односно дека пет држави не го признаваат Косово и Метохија и дека досега не е евидентирано дека некој добил статус на кандидат за членство, а да го нема решено прашањето за статусот и второ затоа што во условите за апсолутно непочитување на сите договори од Приштина, невозможно е некој да размислува за тоа – рече Дачиќ.
Тој оцени дека е речиси невозможно некој да го прифати тоа во овие услови кога, како што вели, јасно е дека однесувањето на (косовскиот премиер) Албин Курти е еден од главните дестабилизирачки фактори во регионот.
Дачиќ додаде дека од чешкото претседателство зависи како европските претставници ќе се однесуваат понатаму – дали барањето ќе влезе во некоја процедура или ќе го чека следниот претседавач.
– Тоа уште не е познато, но сигурен сум од разговорите што ги имавме со земјите кои не го признаваат Косово, а истото ми го кажа и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, дека тие се против тоа поради сите овие причини што ги спомнав и да, доколку дојде до изјаснување за тоа, тие би гласале против – рече Дачиќ.
Тој додаде дека дури и барањето на Приштина да влезе во процедура, што е можно, таа процедура подразбира дека Европската комисија ќе се изјасни за тоа во наредниот период од околу една година.
– Но, на крајот, за тоа повторно е потребен консензус, кој го нема во ЕУ. Затоа мислам дека тоа е повеќе политички и маркетиншки потег за внатрешно-политичка употреба во самото Косово – смета Дачиќ.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој рече дека САД категорично се противат на враќање на српските сили на северот на Косово.
-Не знам зошто некој би бил против напишаното во резолуцијата 1244, а особено не е добро некој да зборува за тоа кои резолуции на ОН може и треба да се применуваат, а кои не, бидејќи тогаш тоа води кон селективност и двојни стандарди, изјави Дачиќ.
Тој потсети дека според резолуцијата 1244 постои можност за враќање на српските сили на Косово.
– Сметаме дека ситуацијата треба објективно да се разгледа, без разлика какво мислење имаат поединеци, тоа не треба да биде пречка на сериозен начин за ова да се разговара во системот на ОН, така што таквите изјави секако не се добри, ниту неговите, ниту на (германската) министерка Анабеле Бербок – заклучи Дачиќ.