Пратеникот на опозициската Демократска партија, Агрон Ѓекмаркај побара од поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета да го направи транспарентно сопственото досие и да ја докаже „невиноста“ по низата реакции по дописот на Управата за досиеја во кој Мета се наведува како соработник на тајната служба, ШИК, пред падот на комунизмот.
– Тој треба да побара, доколку има бело или досие обоено со друга боја за него, сето тоа да се разјасни. Верувам дека само правниот пат ја дели лагата од вистината. Имајќи ја в предвид изјавата на Мета, верувам дека тој може да тргне кон тоа. Политичките изјави само ја зголемуваат маглата – рече Ѓекмаркај.
Тој додаде дека политиката, администрацијата, дипломатијата, полицијата, армијата, правосудството мора да се исчистат од соработниците и работниците, од „45-годишната режимска угнетувачка машина“.
– Мора да се расчисти вистината од комунистичкиот период. Еве денес после 32 години плурализам се враќа темата, но не од етичка позиција. Едноставно од политичка гледна точка. Со денови се зборува за досие на И.М. Владата се обидува да го поврзе со името на поранешниот претседател Илир Мета, факт на кој тој енергично се спротивстави – рече тој.
Илир Мета, кој по завршувањето на петгодишниот претседателски мандат застана на чело на Партијата на слободата (поранешно Движење за социјалистичка интеграција) смета дека целта на нападите врз него е оттргнување на вниманието од високата корупција на владата.
-Партијата на слободата ќе гласа за секоја иницијатива насочена кон транспарентност, за прашања од поранешна државна безбедност, за прашања од минатото, за прашања за декомунизација и за кое било друго прашање. Но, на Партијата на слободата и е многу јасно дека проблем број 1 на државата е декорупцијата, а пред сè декорумпираноста на опозицијата предвдена од Енкелејд Алибеај, која ја користи мнозинството за да го отргне вниманието од распространетата корупција, рече Мета.
Тој, според досието го кодошел својот најдобар пријател од факултет и оти по падот на комунизмот го сменил презимето од Метај во Мета.
Тој претходно отфрлајќи ги обвинувањата жестоко ја нападна Управата за досиеја, обвинувајќи за фалсификување документи, бидејќи според него, од 1992 година, тој ги поминал сите проверки и неговото минато било чисто.