Поранешниот премиер Никола Груевски во долг статус на Фејсбук вели дека иако не демантира лаги и шпекулации, сепак затоа што тие премногу често се повторуваат, одлучил овојпат да направи исклучок.
„Не сум никаков таен организатор или конструктор на политичките активности и препукувања на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, ниту на другите актуелни јавни политички битки на луѓе кои во минатото биле коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, десно ориентирани медиуми, поедини новинари, поранешни политичари, функционери или активисти.
Лажна е и шпекулацијата дека на некаков начин јас сум лобирал во партијата за Данела Арсовска да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, како и за почесен конзул на Унгарија во Штип или пак претседател на стопанската комора во времето кога бев премиер.
Повеќе од 5 години веќе немам никаков директен или индиректен контакт или комуникација со Данела Арсовска од причина што нашата комуникација беше исклучиво службена и траеше додека извршував јавни политички функции.
Лажни се и секојдневните шпекулации дека јас целосно или делумно раководам со партијата од дистанца од Будимпешта, дека Христијан Мицковски и други членови на раководството се среќаваат со мене кога доаѓаат во Будимпешта и дека јас давам некакви инструкции или на било каков начин учествувам во носењето одлуки на ВМРО-ДПМНЕ.
Потврдувам дека ниту еднаш од десетината доаѓања во Будимпешта не сум имал средба со Христијан Мицковски или некој кој е во негова придружба, ниту пак со некој од актиелното раководство на партијата (ИК и ЦК), од причина што таква средба не побарале. Зошто не побарале средба, тие најдобро знаат, но оние членови на партијата кои не се дел од сегашното раководство, кои добро ги познавам и кои побарале средба со мене, сме се сретнале на разговор кој најчесто е од пријателска природа со луѓе со кои во минатото сме соработувале“, пишува Груевски.