Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска учествуваше на „Women Peace Security “ во Приштина во организација на претседателството на Република Косово.
Во својот говор тој ја цитираше првата жена државен секретар на САД, Меделин Олбрајт, па пред пресутните им кажа: „во пеколот има посебно место за секој маж кој не им помага на жените“.
– Во овие турбулентни времиња низ кое поминуваме сега, сè уште недоволно закрепнати од последиците на пандемијата, нашето внимание и грижа веќе се насочени кон отворениот фронт на војната во Украина. Кога се повторуваат вакви страшни настани, без разлика дали се случуваат блиску или далеку од нас, ние кои за жал сме поминале низ вакви слични искуства, не можеме ладнокрвно да ги гледаме овие настани како гледачи. Не е само звукот на авионите, тенковите и артилеријата што го слушаме преку медиумите, туку ова е моќен повик кој бара правда, мир, слобода и крај на уништувањето – рече Груби во својот говор.
Како внук на баба, како син на мајка, како сопруг на жена, како татко на две ќерки, додаде тој, велам дека женската чувствителност го преминува прагот на куќата, таа е универзална.
– Нека модифицираните зборови на нашата драга пријателка, првата жена државен секретар на Америка, г-ѓа Меделин Олбрајт, во чија чест се собравме, бидат инспирација за нас мажите, кога кажа: дека во пеколот има посебно место за секој маж кој не им помага на жените. Значи, да заклучиме, драги дами и господа, жените навистина владеат – рече Груби.