Во своето обраќање вицепремиерката Грковска ја истакна важноста на транспарентноста како предуслов за развој и добро владеење. Нагласи дека изминатите неколку години Владата презема значајни чекори за подигнување на фискалната транспарентност, но и генерално за транспарентноста во целина, а тоа беше препознаено и од граѓанските организации, кои ја рангираа Владата на првото место според активната транспарентност, но исто така и од страна на Стејт Департментот, каде според Извештајот за фискална транспарентност за 2022 година, се вбројуваме меѓу земјите кои ги исполнуваат нивните критериуми за фискална транспарентност.
„Транспарентноста е важен фактор во имплементирањето на успешни антикорупциски политики. Овозможува граѓаните, граѓанските организации како и претставниците на медиумите полесно, побрзо и поефикасно да добиваат информации за работењето на институциите, а со тоа и да вршат контрола во нивното работење. Тоа особено важи кога е во прашање трошењето на јавните средства и користењето на државните ресурси, но и на целокупното работење“, потенцираше Грковска.
Пред присутните на конференцијата Грковска нагласи дека огромен напредок во делот на транспарентноста е нотиран не само кај Владата, туку и кај институциите. Транспарентноста годинава ја подобриле дури 81% од институциите.
Во однос на фискалната транспарентност и на јавните набавки, вицепремиерката информираше дека сите институции се задолжени да направат посебен таб на своите веб страници и да ги објавуваат сите податоци, од огласи, до склучени и реализирани договори.