Горан Пандев става крај на кариерата, објави македонската фудбалска легенда во интервју за „Газета дело Спорт“.
– По 20 години… мојот син наполни 13 и во целиот живот успевав да го гледам само во периодот на одмор меѓу две сезони. Сега дојде време да уживам со семејството. За првпат цело лето не размислував за фудбал, а кога ќе се случи тоа се опуштате, јадете, помалку тренирате. Во главата немав мисла дека треба да почнам подготовки. По настапите во Серија Б без плејоф или плејаут, неколку месеци не правев ништо, а кога имате 39 години, потешко е да се вратите. Сега сакам малку повеќе да одморам со семејството затоа што 20 години се премногу за да бидете одвоени од него. Но ќе останам во фудбалот, друго и не знам да работам – вели Пандев.
Тој не се гледа себеси како тренер, вели дека би сакал да работи како спортски директор или како менаџер.
– Сакам да работам со деца, да им помагам, да разговарам со нив, да гледам младински фудбал. Би сакал да им се заблагодарам на сите, фала ви за сѐ. На сите навивачи, претседатели, тренери низ кариерата. Сите тие ми дадоа нешто и јас тоа нема никогаш да го заборавам – додаде Пандев.
Тој одигра речиси 500 натпревари во Серија А и постигна над 100 голови. Остави голем белег во италијанскиот фудбал каде ја помина речиси целата своја кариера.
Пандев ја почна кариерата во Беласица. Во 2001 година беше купен од Интер, а потоа играше како позајмен во Специја и во Анкона. Во 2004 година потпиша за Лацио каде остана пет сезони. Во 2009 година се врати во Интер и со Жозе Мурињо ја освои историската тројна круна. Потоа играше за Наполи. Единствената авантура надвор од Италија му беше Галатасарај. По една сезона помината таму, се врати во Италија и потпиша за Џенова каде остана седум години. Последните натпревари во кариерата ги одигра за Парма.
За македонската репрезентација одигра 122 натпревари и даде 38 голови. Круна на репрезентативната кариера беше настапот на Европското првенство, Пандев ќе биде запишан и како првиот стрелец за Македонија на големите натпреварувања.