Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц размислува за еднократен додаток на платата кој не се оданочува за да ги убеди синдикатите да ги олеснат барањата за нивно зголемување, пишуваат медиумите.
Моќните германски синдикати треба да се согласат на поскромниот раст на платите за дополнително да не се поттикне инфлациската спирала, објави Билд во неделното издание.
Инфлацијата во Германија и во голем број други земји силно зајакна поради прекините на синџирот на снабдување во пандемијата на Ковид 19, а растот се забрза уште повеќе поради руската инвазија на Украина и западните санкции кон Русија.
„Ако работодавачите и синдикатите се согласат на еднократни исплати на работниците за да ги олеснат екстремно тешките месеци, државата би можела да обезбеди разумен додаток“, рече во саботата парламентарниот лидер на Социјалдемократите (СПД) на Шозл, Ролф Муцених.
Владини извори го потврдија извештајот на Билд дека Берлин ја разгледува опцијата.
Канцеларот Шолц ќе се сретне со претставниците на работодавачите и работниците на 4 јули за да разговараат за мерките за спречување на порастот на цените.
Министерот за финансии Кристијан Линднер даде забелешки за планот на Твитер.
Еднократниот додаток би имал смисла, но „субвенционирањето на работодавците со висок профит не е соодветно“, предупреди Линднер.
„Не можеме навистина да си дозволиме да ги прошириме додатоците за корона на целата економија“, напиша Линднер, алудирајќи на мерките што владата ги воведе за да ги ублажи економските последици од пандемијата на Ковид.