Во албанскиот главен град Тирана денеска се оджува Самит за Западен Балкан-Европска Унија посветен на справување со последиците од руската инвазија врз Украина, зајакнување на безбедноста и градење отпорност кон странското мешање, одговор на предизвиците од миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал.
Ова е прв самит меѓу Унијата и Западен Балкан што се одржува во земја која не е членка на Унијата.
Најавено е присуство на високите европски претставници, претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лаjен, како и премиерите на Белгија, Луксембург и други европски земји.
На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.
Премиерот Димитар Ковачевски, како што е соопштено, на Самитот ќе учествува на две панел дискусии на кои фокусот ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето на демократија, мир и слобода, како и тесната соработка помеѓу земјите во заедничкото справување со предизвиците наметнати од економската и енергетската криза.
Во рамки на Самитот, телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и Западен Балкан ќе потпишат Декларација со која ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот во 2023 година.