More

    Во Македонија не се знaе дали ќе се пресретнат новите цени на прехранбените продукти

    spot_img

    Во Владата и во Министерството за економија се прават анализи на состојбата со цените на храната од што ќе зависат следните чекори по завршувањето на мерките за зауздување на цените на основните прехранбени производи. Што ќе се случува и дали и какви мерки ќе се преземаат оттаму не кажуваат, иако веќе е јасно дека по укинување на мерката со маржите, цените на храната дополнително ќе скокнат за определен процент. И најавите на производителите се дека треба да се очекува раст на цените на храната бидејќи и цените на суровините растат.

    – Одлуката за ограничување на профитната маржа за трговија на мало кај основните прехранбени производи којашто ја донесе Владата на предлог на Министерството за економија има важност до крајот на месецот. Во меѓувреме се прават анализи кои ќе ги одредат следните чекори за што јавноста ќе биде навремено информирана – изјавија за Плусинфо од министерството за економија без да прецизираат што се планира.

    Од Владата велат дека преку своите органи и институции, согласно своите надлежности, ја следи состојбата и се преземаат мерки навреме.

    – За да се ублажи влијанието од новата енергетска и ценовна криза врз стандардот на граѓаните и ликвидноста на стопанството веќе донесовме пакет мерки во вредност од над 400 милиони евра. Во рамки на тој пакет се опфатени и мерките за намалување, односно укинување на стапката на ДДВ на основните прехранбени производи, од 5 на 0 отсто, намалена е стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто за нафтените деривати, како и стапката на ДДВ за електричната енергија која е намалена уште минатата година од 18 на 5 отсто и таа стапка ќе се применува до крајот на годината – велат од Владата.

    За разлика од Македонија некои земји веќе испланираа нови мерки за ублажување на последиците од следниот раст на цените на храната.

    Бугарија најави пакет мерки во кои се планира за лебот да не се плаќа ДДВ, а помал ДДВ ќе има и за други производи. Србија најави дека во следните 2 месеца нема да има промена на цената кај основниот леб и брашното тип 400.

    Последната мерка што ја донесе Владата за ограничување на трговските маржи завршува на крајот на месецот. Но и покрај оваа мерка не запре порастот на цените на основните прехранбени производи.

    Дека цените на храната и натаму ќе растат говорат и предвидувањата на меѓународните финансиски институции кои очекуваат нивно стабилизирање дури следната година. Обединетите нации објавија дека храната на светскиот пазар поскапела за 30 отсто за една година, големо влијание на тоа имаа војната во Украина која го запре извозот на масло за јадење и житарките. Дел од земјите кои извезуваат пченица веќе го ограничија или запреа извозот на пченица како резултат на неповолните климатски услови за нејзино развивање иако се пред нова жетва. Што може да предизвика глад во дел од светот.И во земјава земјоделските експерти и производителите велат дека климата и ненавременото прихранување ќе влијае на квалитетот и приносот кај одделни култури. Ниската откупна цена на градинарските култура, пак, не дава надеж дека и следната година ќе има домашно производство кое е далеку поевтино од она кое се увезува од соседството.

    – Ќе имаме пониски приноси кај пченицата, а можеби ќе има и понизок квалитет, но нашите трошоци пораснаа и ќе бараме откупна цена на пченицата повисока од 15 денари за килограм – изјави за плусинфо Пецо Стојановски претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

    И производителите на свинско месо најавија дека ќе бараат повисока откупна цена. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци и одгледувач на свињи, Гоце Сарафимов, вчера изјави дека одгледувачите бараат производната цена на свинското месо да изнесува 150 денари.

    Овие најави како и високите берзански цени кај дел од суровините ќе влијаат и на повисоки цени кај брашното и лебот, но и кај месото.

    Мелничарите веќе најавија дека брашното ќе поскапи соодветно на зголемените трошоци за суровини и енергенси, а преработувачите на месо засега не излегоа со став.

    Цената на пченицата само за еден ден по најавата на Индија дека го запира извозот порасна за 10 отсто и се искачи на 435 евра за тон. Цените на струјата и горивата исто така растат, а со тоа и нашите трошоци во работењето. Годинава очекуваме и земјоделците да бараат повисока цена на пченицата при откупот, бидејќи и тие имаат повисоки трошоци. Сето тоа придонесува да размислуваме за повисока цена на брашното, а со тоа и на лебот – вели Горан Малишиќ од Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

    Најпогодени од случувањата со цените на храната се граѓаните кои се жалат дека не можат да го издржат товарот од високите цени, бидејќи освен храната за нив е поскапа и струјата, а не знаат и дали ќе можат да се греат следната сезона бидејќи се најавуваат и повисоки цени на струјата и материјалите за огрев.

    – Веќе делува како излитена фраза дека со буџетот што го има просечно македонско семејство не се излегува на крај со високите цени не само на храната, струјата и бензинот. Но тоа е факт од кој не се бега. Може да поскапи се, ама кај платите имаме држ – недај политика. Никој, па и државата не сака да исплати повисоки плати. Мислат дека гладни работници ќе бидат попродуктивни. Затоа имаме се помалку квалификувани лица на работните места, а газдите се жалат дека им избегале работниците, без да кажат дека им даваат ниски плати. Чекаме децата што ги испративме во странство да ни испратат некое евро за да можеме да го скрпиме месецот – вели Антонио од Скопје.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img