Во експлозија на писмо-бомба во украинската aмбасада во Мадрид е повреден еден вработен што го отворил писмото, соопшти денеска шпанската полиција.
Припадник на персоналот на амбасадата се здобил со полесни повреди и е пренесен во болница, се наведува во полициското соопштение.
Според извори на кои се повикува агенцијата Ефе, пликот бил адресиран до амбасадорот и не поминал низ скенерот, туку го отворил чувар во градината на амбасадата.
Инцидентот го истражуваат форензичари и разузнавачките служби, се посочува во соопштението.
Просторот околу амбасадата е ограден. Полицијата го активираше антитерористичкиот протокол и го опколи просторот каде што се наоѓа дипломатското претставништво.
На местото на настанот, покрај другите полициски единици, излегле и војници од единицата Тедек, специјализирана за деактивирање на експлозиви.
Од амбасадата засега не сакаат да го потврдат настанот, ниту да дадат изјави.
Шефот на украинската допломатија Дмитро Кулеба побара од сите амбасади на неговата земја да преземат екстремни мерки за безбедност по експлозијата во Мадрид.