Во Благоевград за денеска е закажано отворањето на македонскиот културен центар со името „Никола Вапцаров”. Од Македонија ќе присустуваат официјални лица, претставници на партии, здруженија на граѓани и поединци. Се проценува дека настанот може да биде проследен со инциденти и провокации, со оглед на тоа што во пресрет на отворањето на клубот, ВМРО – Бугарско национално движење најави протест.
Од македонските претставници во име на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува генералниот секретар Миле Бошњаковски, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека нема да присуствува. На отворањето на клубот присуство најавија и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, а ќе замине и делегација од Демократскиот сојуз.
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски во петокот информираа дека тој добил покана да присуствува на отворањето на клубот, но дека поради претходно закажани обврски нема да присуствува, но во негово име ќе присуствува генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски.
Премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот изјави дека нема да присуствува на отворањето на клубот „Никола Вапцаров”, но повтори дека треба да се поттикнуваат и поддржуваат клубови кои имаат цел да ги зближуваат државите и народите.
– И претходно кажав дека како држава во Благоевград ќе отвориме македонски културен центар, каков што имаме во Софија. Министерството за култура веќе ги има подготвено потребните документи, треба да се стапи во контакт со бугарската Влада. Писмото за отворање на државниот културен центар ќе биде испратено пред Нова година и врз основа на процедурите, ќе отвориме македонски културен центар во Благоевград, каде што ќе присуствува и македонската Влада – рече Ковачевски.
Тој рече дека работа на бугарските институции е да проценат на кој начин е регистриран македонскиот клуб во Благоевград, исто како што формирањето на бугарските клубови во нашата држава останува на оценка на нашите институции.
И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека нема да присуствува на отворањето на клубот во Благоевград, ниту, пак, дека ќе има владина делегација и делегација од СДСМ.
– Ова е приватна иницијатива. Секој чекор во таа насока треба да придонесе за намалување на тензиите и отворање на можностите за соработка. Ќе видиме дали овој клуб ќе има таков ефект. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но ние не сме должни да присуствуваме на отворањето на секоја иницијатива – рече Маричиќ за „Студио 10″ на ТВ24.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи потврди дека нема да оди на отворањето на клубот, бидејќи смета дека ниту тој клуб, ниту пак бугарските што се отвораат тука, им одат во корист на македонската заедница во Бугарија или на бугарската заедница во земјава, ниту пак на односите меѓу двете земји.
– Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера – рече Османи.
На изјавата на Османи реагираше ОМО Илинден Пирин. Во објавата насловена „Отворена порака до Османи”, ОМО „Илинден” – ПИРИН наведува дека било познато кој стои зад отворањето на Македонски културен клуб „Никола Вапцаров” и дека тоа никој не го крие.
„Тоа е на право место Друштво за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија“, наведува организацијата во реакцијата на изјавата на Османи.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе оди на отворањето во Благоевград за, како што вели, да им даде поддршка на Македонците во Бугарија, да ги охрабри дека нивната матична земја стои зад нив и дека партијата ќе ги штити нивните интереси.
– Ние немаме антибугарско расположение, ние имаме промакедонско расположение. Очекувам да помине во духот на пријателството помеѓу двата народи, македонскиот и бугарскиот. Одиме таму да ги поддржиме нашите во Бугарија, да дадеме поддршка како ВМРО-ДПМНЕ и јас, како претседател на најголемата политичка партија, да ги охрабриме дека нивната матична држава Македонија стои позади нив и дека ќе ги брани и штити нивните интереси и дека ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме намера да се откажеме од нашите браќа од таа страна на границата – рече Мицкоски.
Коментирајќи ја одлуката на државниот врв да не присуствува на отварањето на македонскиот клуб во Бугарија, Мицкоски рече дека нивното присуство би било одлична можност да се покаже национално единство.
– Ова беше одлична можност државниот врв да дојде, за да покажеме национално единство. Да дојдат сите таму и да им дадеме поддршка на нашинците од пиринскиот дел на Македонија од Бугарија – рече Мицкоски.
Заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на Министерството за надворешни работи на Бугарија, Костадин Коџабашев, на редовниот брифинг во петокот изјави дека е очигледен обидот на опозициските македонски партии да провоцираат тензии во Софија и Скопје со отворање приватен клуб со името на Никола Вапцаров.
Во пресрет на отворањето на македонскиот клуб, ВМРО – Бугарско национално движење најави протест.
Советот на Општина Благоевград неодамна усвои декларација со која се изразува противење на отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров” во овој град, со оценка дека таквиот чин претставува провокација.
„Категорично се спротивставуваме на антибугарската провокација за отворањето на т.н. Македонски културен клуб „Никола Вапцаров” на територијата на Општина Благоевград, се наведува во Декларацијата, во која се додава дека „македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната”. Потенцирајќи дека „Никола Јонков Вапцаров е бугарски поет”, општинските советници на Благоевград оценуваат дека формирањето на центар со неговото име во нивниот град претставува „груба провокација од нелегитимни организации”.
На ова реагираше македонското МНР, кое ги осуди „непримерните квалификации во содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, што се однесуваат на македонскиот народ”.
„Очигледно е дека ваквите декларации се во спротивност на интенцијата на двете влади за градење доверба меѓу народите на двете земји и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување“, наведе МНР.
Министерството нагласи дека во интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството и ги повика локалните власти, но и сите други здруженија и групации, да се посветат на активности кои создаваат пријателство, меѓугранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка.