Велешани веќе пет месеци не можат да остварат здравствена заштита од кожен доктор во Општата болница во Велес. Единствената докторка е неколку месеци на боледување, а пациентите се упатуваат на специјалист во Скопје.
Портпаролот на Општата болница д-р Елена Левкова Ќулумова во изјава за МИА информира дека докторката по кожни болести од боледување ќе се врати во јануари следната година.
Покрај недостиг на кадар за кожни болести, жителите на Велес немаат специјалисти и за други здравствени услуги.
Д-р Лилија Чолакова Дервишова матичен доктор и доктор по семејна медицина, воедно и претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛРМ), оценува дека состојбата со немањето на специјалистички кадар во велешката Болница е многу сериозна.
Жителите на Велес, покрај тоа што немаат можност за преглед од кожен лекар, немаат ниту ушен доктор со „Мој термин”, а има само по еден очен доктор и еден трансфузиолог. За град како Велес, во кој е вклучен целиот поширок велешки регион, д-р Чолакова-Дервишова вели дека е повеќе од сериозно и алармантно.
Таа предупредува дека ваква состојба со немање на специјалисти има во поголем дел од болниците во земјава, како Берово, Ресен, Дебар и речиси сите помали градови во земјава.
– Ова е многу сериозна ситуација за сите граѓани коишто редовно плаќале и плаќаат здравствено осигурување и очекуваат да имаат достапност до здравствени услуги во местото на живеење – појаснува д-р Чолакова Дервишова.
Таа посочува дека немањето на специјалистички кадар во болниците во градовите е последица на тоа што со години наназад лекарите по специјализацијата не се обврзани да се вратат во својата болница, туку, голем дел од нив остануваат во здравствените установи во Скопје.
– Државата мора да си го смени законот, правилата и правилниците со тоа што ако некој лекар добил специјализација, по специјализацијата, ќе мора да се врати во својата болница во градот од каде што е. Со тоа и болниците во внатрешноста ќе имаат свои специјалисти. Не може сите лекари да се преселат во Скопје, а народот во останатите градови да ги оставиме без специјалисти – вели д-р Чолакова Дервишова.