Фудбалерот на Манчестер Јунајтед и Португалија, Бруно Фернандеш го критикуваше тајмингот на Светското првенство во Катар.
Во неделата „црвените ѓаволи“ го победија Фулам во Лондон со 2:1 во 16. коло од Премиер лигата и на пауза одат на петтото место, односно со 11 бода помалку од водечкиот Арсенал.
Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш го критикуваше тајмингот на Светското првенство кое ќе се одржи во Катар.
„Ова не е време кога сакаме да играме на Светското првенство. Ова не е најдобриот момент ниту за играчите, ниту за навивачите. Децата ќе бидат на училиште, луѓето ќе бидат на работа, а времето за гледање на натпреварите нема да биде најдобро“, рече Бруно Фернандеш и продолжи:
„Ја знаеме ситуацијата околу Светското првенство, што се случуваше во последните неколку месеци. Знаеме за луѓе кои загинале при изградбата на стадионот. Тоа воопшто не ни се допаѓа. Сакаме фудбалот да биде за сите, сите да бидат вклучени на Светското првенство бидејќи ова е планетарен шампионат“.
Португалија на Светското првенство ќе биде во групата Х заедно со Гана, Уругвај и Јужна Кореја.
„Светското првенство е повеќе од фудбал, важно е за сите луѓе. Тоа е забава за навивачите и играчите, нешто убаво за гледање и требаше да се организира на најдобар можен начин“, потенцира Бруно Фернандеш.
Светското првенство ќе се одржи од 20 ноември до 18 декември.