Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, апелираше за смирување на ситуацијата на северот на Косово и ги повика Белград и Приштина да се вратат на дискусиите за европскиот предлог за дијалог.
„Апсолутно е важно ваквите проблеми да престанат, да се отстранат барикадите, да се смири ситуацијата и да се разговара за предлогот што го ставивме на маса за да се најде трајно решение за тензиите меѓу Приштина и Белград“, рече Борел. новинарите по пристигнувањето на состанокот на Европскиот совет во Брисел.Борел рече дека ќе ги извести европските лидери за ситуацијата и разговорите што претходните два дена ги имаше специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак во Белград и Приштина.
„Последниве денови се соочуваме со големи проблеми на северот на Косово… Повикувам на смирување на ситуацијата и враќање на дијалогот, што е единствениот пат за европската перспектива на Косово и Србија“, рече Борел.
Шефот на европската дипломатија изрази надеж дека европските лидери денеска ќе се договорат за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина, што би било важен чекор за таа земја и за целиот регион.
„Силно го поддржувам. Тоа ќе биде добра можност за лидерите на БиХ да продолжат со реформите и земјата навистина да тргне по европскиот пат“, рече Борел.
Во октомври Европската комисија препорача статус на кандидат за полноправно членство на Босна и Херцеговина во ЕУ, а оваа недела беше одобрен од Советот за општи работи на ЕУ. Одлуката се очекува да ја потврдат на денешниот самит шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ.