Американскиот државен секретар Ентони Блинкен предупреди дека руските сили се подготвуваат да ја нападнат Украина во наредните денови, јави синоќа Гласот на Америка.
Како што пренесе Бета, за време на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина, Блинкен изјави дека Русија планира да формулира изговор за напад на Украина, кој, како што рече, може да вклучува вистински или лажен напад со употреба на хемиско оружје.
– Тоа може да биде означено како етничко чистење или геноцид – рече американскиот државен секретар за време на говорот во ОН.
Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Вершинин ги повика членките на Советот за безбедност на ОН да не ја претвораат седницата во циркус.
– Се изнесуваат неосновани обвинувања дека Русија наводно ќе ја нападне Украина. Имаше доволно шпекулации за тоа. Одмна дадовме објаснување за се. Сценаријата за милитаризација што ги претстави Блинкен се опасни и за жалење. Дел од руските воени сили се враќаат во базите – рече тој.
Зборувајќи за руското етничко малцинство кое живее во источна Украина, тој истакна дека овие луѓе се чувствуваат како странци во својата земја, тврдејќи дека тие се цел на украинската армија.
– Ќе се згрозите од документацијата што ја доставивме – изјави рускиот заменик министер за надворешни работи, без да даде повеќе детали.