Во земјава, од една страна, има голема невработеност, а од друга, многу компании не можат да обезбедат кадар кој ги поседува потребните вештини и квалификации за вклучување во работниот процес. Иселувањето и флуктуацијата се дополнителни фактори кои го усложнуваат овој проблем. Од тие причини треба да се најдат начини како кадарот кој е на располагање, да се доквалификува и оспособи за работа на домашниот пазар.
Ова беше речено денеска во Стопанската комора која најави низа активности преку Советот за развој на тренинг и обуки, чија цел е да се вмрежат компаниите и кандидатите на слободниот пазар на труд, за да се намали невработеноста и да се задоволат потребите на бизнисите.
– Проблемите стануваат се поголеми и поголеми. Тој проблем со недостиг на кадар не е само кај нас, туку и во многу западноевропски земји. Иселувањето и флуктуацијата се дополнителни фактори кои го усложнуваат проблемот. Од тие причини потребно е да се најдат начини како кадарот кој го имаме на располагање, да се доквалификува и оспособи за работа на домашниот пазар – истакна претседателот на Советот, Виктор Влашки.
Според него, главниот проблем е што не постои информација за тоа кои профили, знаења и вештини се неопходни.
-Една од основните цели е прво да се евалуираат тие потреби и на кадарот да му се понуди можност да се вклучи во тие предизвици, а платите ги дефинира пазарот – напомена Влашки.
Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора потенцира дека образованието е и треба да биде еден од клучните приоритети. Како што оцени, и покрај сите кризи во моментов, пандемијата и кризата со електрична енергија, прашањата поврзани со образованието и со обезбедувањето стручен кадар за бизнисот треба да бидат во фокусот на делување и на Комората и на државата.
-Имаме неусогласеност помеѓу потребите за кадар од страна на компаниите и нивните квалификации. Тоа е она што ние во нашите анкетни истражувања досега сме го идентификувале и врз основа на тоа сме утврдиле дека постојат дефицитарни занимања на кои интензивно ќе работиме овој период преку преквалификација и доквалификација за да можат тие успешно да се вклучат во процесот на работа и наместо своето подобро утре да го бараат во странство, тоа да им биде овозможено овде. Нашите компании врз основа на нашите анкети се задоволни од нашите работници и токму тоа е причината да веруваме дека и овде може да има добар опстанок за сите – рече Милевска Штрбевска.
Таа потсети дека Стопанската комора во изминатит период, а и сега, делува на развивање нов иновативен концепт наречен „Комора на иднината”. Формирани се совети во четири области и резултатите се веќе евидентни, посебно во делот на дуалното образование каде се вклучени 500 компании наспроти 11 од пред две или три години. .
-Имаме и околу 500 сертифицирани ментори за практична обука, а околу 56 компании кои се исто така верификувани за изведување практична обука во процесот на преквалификација и доквалификација покажаа конкретни резултати. Сме изработиле 18 програми за вештини и компетенции на стручниот кадар во компаниите, 118 обучени кадри се веќе дел од компаниите. Практично, создаваме алатки за подигнување на капацитетите на компаниите за да можат успешно да се справат со предизвиците на конкурентоста, да ги зголемат своите извозни потенцијали и со конкретни алатки да делуваме за нивниот натамошен развој. На таков начин покажуваме дека не само барање иницијативи до Владата, туку со наше конкретно самостојно дејствување во соработка со компаниите и во согласност со нивните потреби овозможуваме да одиме напред – рече Милевска Штрбевска.
Стопанската комора пред претставници на компаниите ги промовираше услугите што ќе се нудат преку Советот за развој на тренингот и обуките, во услови и време кога, како што беше речено, потребата од стручен кадар расте на домашниот пазар, регионално и глобално, а пазарот е целосно отворен за компетентни и стручни работици.