На битолски Широк Сокак, познат битолски бизнисмен синоќа упатил закани по живот кон претседателката на Советот на Битола, Габриела Илиевска, и кон десетина други битолски советници, кои седнале да вечераат по одржаната седница на којашто беше изгласан буџетот на Општина Битола, пренесува порталот „Независен“.
Бизнисменот наводно дошол со уште тројца други мажи, за кои некои велат дека всушност се негови синови, и упатиле вербални закани кон Илиевска и кон советниците.
Илиевска во разговор со „Независен“ потврдила дека таа и останатите советници добиле закани, по што повикале полиција да ги извлече од ресторанот.
– Бевме присутни над десет советници на вечера, се појавија 4 лица од кои тројца ни беа познати и само еден непознат. Упатија вербални закани, животозагрозувачки кон сите во просторијата. Заминаа и по неколку минути побаравме сметка и ние да заминеме бидејќи беше непријатна ситуација за сите, но вработената ни кажа дека нѐ чекаат долу на првиот спрат и дека не ќе можеме да излеземе. Викале дека ќе нѐ убијат. Јас повикав полиција, па дел од советниците беа извлечени кога дојде полицијата зашто сите бевме загрозени. Се врати полицијата и ние останатите да заминеме, но напаѓачите се вратија во просторијата и упатија уште поголеми закани ко нас. Побарајте информација и од полиција – изјави Илиевска за порталот.
Министерството за внатрешни работи (МВР) подоцна излезе со соопштение за настанот.
„На 28.12.2022 во 21,20 часот во угостителски објект во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги приведиле А.Т.(48), А.Т.(26) и М.Т.(27), сите од Битола, затоа што се однесувале агресивно кон советници од Совет на Општина Битола и се обиделе физички да нападнат дел од нив. Тие, исто така, се однесувале агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“, наведено е во полициското соопштение.