Со стопанските комори се води дискусијата за нов, вонреден данок на екстра добивка, по примерот на европските земји. На тие компании што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво, при што тоа е 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек, дополнително да им се оданочат екстра приходите, порачува министерот за финансии Фатмир Бесими.
Во интервју за Радио Слободна Европа, нагласува дека целта на даночната реформа е да воспостави даночен систем што ќе овозможи одржлив, инклузивен и забрзан економски раст.
– Даночната реформа не беше само за фискалните приходи, туку се базира на стратегијата за даночна реформа кога беше донесена од страна на Владата уште во декември 2020 година, каде главни цели на таа реформа е да се воспостави еден даночен систем кој ќе овозможи одржлив, инклузивен и забрзан економски раст, врз основа на нови технологии и подобрување на ефикасноста во даночниот систем. Како приоритетни аспекти, области и принципи на таа стратегија беа правичност на даночниот систем, ефикасност, ефективност и транспарентност, како и зелениот концепт на даночниот систем, вели Бесими.
Во првата фаза на реформите, додава, се презентирани реформите на даночната политика, односно на три даноци – данокот на личен доход, данокот на додадена вредност и данокот на добивка.
– Пристапот за да се обезбеди поголема правичност беше да се зголеми даночната база, а притоа да не воведеме нови даноци и зголемување на постојните даночни стапки. Даночната база се предлага да се зголеми на две основи: едниот основ е намалување на сивата економија, за што имаме посебна стратегија за сива економија и вториот аспект е преку намалување на таканаречените даночни трошоци или ревидирање на листата на даночни ослободувања. После расправата има ревидирање на неколку мерки и вкупно некаде околу 76 милиони евра е сега фискалниот ефект на овој пакет што е во Собрание на гласање – прецизира Бесими.
На прашањето зошто се укинува даночното ослободување за малите фирми кои имаат приход до три милиони денари, а не се воведуваат нови даноци за фирмите кои оствариле милионски профити и дали се плашат да ги оданочат богатите, министерот за финансии вели дека тоа не е така.
– Апсолутно не. Не мислам дека тоа намерно некој го прави, туку заради временско коинцидирање. Значи даночната реформа е во пакетот што го објаснивме, тука спаѓа и намалување на сивата економија итн. Од тој аспект, во овој дел каде што до сега се предлагаат до шест милиони денари приходи имаат опција на оданочување на приходот на еден отсто од приходот или данокот на добивка од 10 отсто. Покрај тоа сите придобивки од даночни ослободувања за реинвестирана добивка остануваат. Тоа што во одредена мера постоеше како ситуација дека се користи можноста да се регистрираат неколку мали правни субјекти кои се под три милиони, а со цел да не се плати данок, од тој аспект, тој дел се разрешува на овој начин. Малите фирми имаат други програми кадешто се поддржуваат нивните инвестиции. Инаку во тој дел што се споредува ова со тоа со екстра профити и даноци, тоа е друга тема, нагласува Бесими.
Прашан дали се размислува за воведување даноци на екстра профити вели дека веќе најавиле.
– Да, ние веќе тоа го најавивме, јас веќе имав состанок со стопанските комори, ќе имаме уште еден состанок, консултација со нив, и тоа е друг дел, тоа не е дел од даночната реформа. Дискусијата што сега се води со коморите е во однос на посебен, нов вонреден данок, а тоа е данок на дополнителна екстра добивка, што значи дека по примерот на другите земји, како Велика Британија, Италија, Унгарија, Хрватска итн, дури има и директива, препорака од земјите членки на ЕУ, земјите да оценат и да го користат тоа во вид на солидарност. Тоа што ние сега го дискутираме со стопанските комори е дека во последните четири години оние компании што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво и ќе се спореди нивната добивка во текот на 2022 година и делот што е остварен над 20 отсто во последните четири години, само тој дел ќе биде предмет на оданочување со овој нов данок, еднокатен, само за 2022 година, и нема да се повтори. Годините каде што немаат остварено добивка не се земаат предвид за оданочување – посочува Бесими во интервју за Радио Слободна Европа.