Познатите личности кои се пробуваат во боксерскиот ринг во последните години се повеќе се застапени во светските медиуми. Без сомнение, американскиот медиумски лик Џејк Пол предничи во овој поглед. Момчето од Минеаполис, кое се прослави како Јутјубер, зад себе има веќе шест професионални борби, а очигледно следен ривал ќе му биде Томи Фјури, полубратот на светската суперѕвезда Тајсон Фјури.
Нивниот натпревар би требало да се одигра на 25 февруари на локација на Блискиот Исток, иако се уште нема официјална потврда.
За тој дуел се огласи и Тајсон Фјури.
„Ќе биде интересно и очекувам Томи да го нокаутира. Ако не го направи тоа, не мора ни да се врати од Саудиска Арабија“, изјави „Кралот на циганите“.
Томи и Тајсон се синови на Џон Фјури, но имаат различни мајки – мајката на Томи е од Маурициус, а тој е 11 години помлад од актуелниот светски шампион во тешка категорија.
Томи Фјури има осум професионални настапи и исто толку победи, а досега се натпреваруваше во полутешка категорија и крузер категорија. Во британските медиуми е познат и како учесник во реално шоу.
Џејк Пол досега шест пати бил во професионален ринг – ги победил Јутјуберот по име „АнЕсон Гиб“, поранешниот НБА кошаркар Нат Робинсон, како и поранешните ММА борци Бен Аскрен, Тајрон Вудли и Андерсон Силва. Секоја од тие тепачки привлече големо медиумско внимание и му донесе голем профит на секој од актерите.