Покрај опозициската ВМРО-ДПМНЕ којa денеска до Собранието поднесе пет амандмани за антикризните мерки што ги предложи Владата, истото го стори и партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, која поднесе амандмани со кои предлага намалуање на акцизите на горивата.
Со амандманите, Алијанса за Албанците предлага намалување на акцизите за дизел горивото од 15,5 на 9 денари, на бензините од 22 на 15 денари и намалување на ДДВ за двата вида гориво од 18 отсто на повластена стапка од пет отсто.
„Ние предлагаме: За дизел горивото акцизата од 15,5 денари да се намали на 9 денари; За бензините акцизата да се намали од 22 денари на 15 денари; ДДВ-то за двата вида горива да се намали од 18 проценти на повластена стапка од 5 проценти“, се наведува во соопштението од Алијанса за Албанците.
Со овие предлози, како што потенцираат оттаму, на малопродажниот пазар во сегашните околности бензинот би се продавал по 77 денари по литар, а дизелот по 79,5 денари по литар.