Претседателот на САД Џо Бајден изјави денеска дека САД и НАТО нема да бидат „заплашени” од рускиот претседател Владимир Путин и предупреди дека западната алијанса ќе брани „секој сантиметар” од својата територија.
– САД и нејзините сојузници нема да бидат заплашени. Путин „нема да нè заплаши”. нагласи тој – објавија од Белата куќа.
Бајден потоа му се обрати директно на лидерот на Кремљ, предупредувајќи го во однос на каков било напад на територијата на НАТО.
– Америка е целосно подготвена, со нашите НАТО сојузници, да ја брани секоја педа од територијата на НАТО – наведе тој.
– Господине Путин, не разбирајте погрешно што велам: секоја педа!
Бајден го опиша како „лажна рутина” потпишувањето на рускиот претседател Владимир Путин претходно денеска на „пристапни договори” со кои се формализира руската нелегална анексија на четири окупирани региони во Украина, што го означува најголемото насилно преземање на територија во Европа од Втората светска војна.
Американскиот претседател, исто така, рече дека „дејствата на Путин се знак дека тој е во проблеми“. Бајден потенцираше дека САД никогаш нема да ги признаат анектираните територии како дел од Русија.
Претходно претседателот на меѓународниот комитет на руската Дума, Леонид Слуцки го оцени барањето на Украина за забрзан прием во НАТО, како покана до Алијансата да влезе во директен вооружен конфликт со Русија.
– Тоа е покана за конфликт меѓу водечките нуклеарни сили. Единствениот избор за Киев денес е да го положи оружјето и да се врати на преговарачката маса – рече Слуцки.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска најави дека Украина официјално ќе побара забрзан прием во НАТО, откако рускиот лидер незаконски анектираше 15 отсто од украинската територија.